Оваа сабота, 7 ноември 2026 година, Националната опера и балет во Скопје повторно ќе биде домаќин на еден од најзначајните меѓународни танцови настани во регионот – осмото издание на Интернационалниот танцов натпревар STAGE 2026.
Годинава STAGE обединува над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа, кои ќе се претстават со повеќе од 320 танцови настапи на двете сцени во Националната опера и балет.

Две сцени, еден престижен театар и илјадници моменти исполнети со уметност, емоции, талент и танц. Скопје повторно ќе стане место на средба на млади танчери, танцови студија, кореографи и професионалци од меѓународната танцова сцена.
STAGE и годинава ќе понуди богата танцова програма, обединувајќи различни танцови дисциплини, стилови и генерации. Од класичен и современ балет, преку џез, модерн и шоу танц, до урбани и други танцови техники, учесниците ќе имаат можност да го претстават својот талент на две професионални театарски сцени.

Со секое ново издание, STAGE продолжува да ја гради својата приказна како меѓународна платформа која ги поврзува младите генерации преку уметноста, ја поттикнува креативноста, размената на искуства и создавањето нови пријателства надвор од границите.
Посебен акцент и годинава е ставен на групните кореографии, формациите и продукциите, со цел да се даде поголем простор на сценското творештво, тимската работа и уметничкиот израз.
Натпреварувачкиот дел на STAGE 2026 ќе се одвива во текот на целиот ден, од 09:00 до 19:30 часот, истовремено на двете сцени во Националната опера и балет.

Кулминацијата на настанот ќе биде свечената STAGE Gala, која ќе започне во 20:00 часот. Влезот за публиката на Галата е бесплатен, а присутните ќе имаат можност да ги проследат најдобрите настапи и доделувањето на престижните признанија и специјални награди, избрани од меѓународното стручно жири.
„Со секое ново издание, STAGE ја потврдува својата мисија да ги обединува младите генерации преку уметноста, да ги поврзува различните култури и да ја промовира Македонија како земја на култура, талент и инспирација. Особено сме горди што годинава во Скопје ќе донесеме над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа.

За нас, STAGE никогаш не бил само натпреварување и освојување награди. Тој е простор каде што се создаваат пријателства, се разменуваат искуства, се раѓаат нови идеи и се слави уметноста на танцот. Вистинската вредност е во креативноста, посветеноста, заедништвото и емоцијата што ја носи секој настап. Токму тоа е духот на STAGE што го градиме и негуваме осма година по ред“, вели Тамара Ѓурчиновска, основач и директор на STAGE International Dance Competition.
Настанот е во организација на „Арт Балет“, а е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
STAGE 2026 – 7 ноември, Национална опера и балет, Скопје.
Осум изданија, 14 држави, над 1.200 учесници, две сцени и една заедничка љубов – ТАНЦОТ!
