Македонскиот народен театар синоќа беше домаќин на свеченото отворање на Скопје филм фестивал, кој се враќа со амбиција да прерасне во значаен дел од европската филмска фестивалска сцена.
Со црвен тепих, филмски гости, музичко-сценски перформанс и публика желна за филмската магија, синоќа во Македонскиот народен театар свечено беше отворено возобновеното издание на Скопје филм фестивал.
„Ова е само почеток, ова е еден темел од она што сакаме да го направиме. Ние имаме повеќегодишен план за да го етаблираме фестивалот и да биде дел од европското семејство. Сакаме да направиме фестивал каков што филмаџиите и публиката во Скопје заслужуваат“, истакна Томи Салковски, директор на фестивалот.

Во рамките на свечената церемонија беше доделена наградата „Златна скополија“ на полското режисерско дуо Магоржата Шумовска и Михал Енглерт, кој е и директор на фотографија. Наградата ја врачи Методија Мирчевски, извршен директор на А1 Македонија, главен покровител на фестивалот.

По доделувањето на наградата, публиката имаше можност да проследи музичко-сценски перформанс со оперската пејачка Билјана Јосифов и балетски уметници, по што следуваше проекцијата на филмот „Идиот(и)“.
На отворањето беа претставени и членовите на меѓународното жири и Фестивалскиот совет, а меѓу специјалните гости беа и режисерот и продуцент Драган Бјелогрлиќ, како и филмските автори чии остварувања се дел од годинешната програма.

Денешна програма
Фестивалот продолжува денеска со промоција на членовите на жирито, а вечерта во 21 часот во рамките на програмата ќе се одржи македонската премиера на филмот „17“ на Косара Митиќ, македонскиот кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм.
Во киното „Фросина“, програмата започнува во 17 часот со проекцијата на „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“ во режија на Џејн Шенбрун. Од 19 часот следува „Спирали“ на Паоло Стриполи, со Јасмин Тринка, Романа Маџиора Вергано, Адриано Џанини и Валерија Бруни Тедески.
Со богатата меѓународна програма и присуството на филмски автори од повеќе земји, Скопје филм фестивал ја продолжува својата мисија за поврзување на домашната публика со современата светска кинематографија.
Во продолжение погледнете ја фотогралеријата од синоќешното свечено отворање во МНТ:

