Кинескиот производител Xiaomi наводно развива паметен телефон со широк екран и класичен „candybar“ дизајн, без механизам за преклопување. Со тоа би им се придружил на сè поголемиот број компании што го следат примерот на Huawei со моделот Pura X View.
Информацијата ја објави познатиот инсајдер Digital Chat Station на кинеската социјална мрежа Weibo, а ја пренесе порталот GSMArena. Според инсајдерот, еден производител на Android телефони моментално тестира ваков уред. Компанијата не е именувана, но емотиконот што го употребил во објавата упатува на тоа дека станува збор за Xiaomi.
Според истиот извор, телефонот ќе има читач за отпечатоци од прсти сместен на страничната рамка, што е очекувано решение за уред со ваков облик. Екранот би требало да има сооднос на страните 16:10 или 16:9, слично како кај моделот Pura X View на Huawei.

Xiaomi не е единствениот производител што се насочува кон овој формат. Според претходни неофицијални информации, Oppo развива телефон со широк екран во рамките на серијата Reno. Тој модел би требало да има екран од 6,35 инчи и батерија со капацитет од 8.000 mAh, две задни камери од 200 мегапиксели и чипсет Dimensity 9600M.
Doogee и Coolpad веќе ги претставија своите уреди со широк екран. Huawei, според неофицијалните информации, подготвува и подостапен модел од овој тип, во рамките на новиот подбренд Osta.
