Петтиот производител на паметни телефони во светот, Vivo неодамна го најави своето пристигнување во Македонија, па добивме шанса да го тестираме моделот Y76 5G. Станува збор за уред од средна класа, кој им конкурира на многу популарните Redmi модели на Xiaomi и Galaxy A уредите на Samsung.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Компанијата Vivo може да се стави меѓу највлијателните иноватори во индустријата за мобилни телефони поради многу причини. Станува збор за првиот производител што претстави читач за отпечатоци од прсти под екранот, прва компанија што лансираше смартфон со вграден Hi-Fi звучен чипсет, а не смееме да заборавиме дека Vivo стои и зад првиот систем за стабилизација на сликата со помош на гимбал.
На рецензија ни пристигна Vivo моделот со необично име – Y76 5G. Станува збор за паметен телефон кој според спецификациите спаѓа во средниот сегмент, а според самиот визуелен дизајн на нешто повисоко ниво, што може веднаш да се забележи при првото вадење од кутијата. Y76 е достапен во две бои на куќиштето – црна (Midnight Space) и сина со ефект (Cosmic Aurora), што го добивме на тест.
Дизајн и изработка
Во кутијата, покрај телефонот има и силиконска заштитна маска, адаптер за полнење од 44 вати, USB Type-C кабел, упатство за употреба и слушалки од 3,5 мм, што е вистинска реткост во денешно време. За среќа, заштитната маска е целосно проѕирна, така што прекрасната боја Cosmic Aurora може целосно да се истакне. За оние кои поради некоја причина не сакаат да користат заштита, треба да се напомене дека задната страна на мобилниот телефон има мат финиш, па речиси и да нема отпечатоци од прсти.
Смартфонот во рака дава лесно, но во никој случај „евтино“ чувство. Причина за тоа секако е фактот што уредот тежи 175 грама, но и тоа што куќиштето е направено од пластика. Лежи сосема задоволително во рака и воопшто не се лизга. На десната страна има менувач за јачина на звук и копче за вклучување на смартфонот со интегриран читач за отпечатоци, кој работи исклучително брзо. На врвот има слот за две SIM-картички, од кои едната може да биде заменета со microSD, а на дното има еден звучник, USB-C приклучок, микрофон и 3,5 милиметарски влез за слушалки. Официјална IP заштита од атмосферски елементи – нема.
Vivo Y76 5G поседува 6,58-инчен IPS LCD екран со резолуција 1.080 x 2.408 пиксели и брзина на освежување од 60 Hz, со декларирана максимална осветленост од 460 cd/m2. Според тоа, се работи за дисплеј кој во реалноста малку заостанува зад конкуренцијата во средниот ценовен ранг. Благодарение на добро креираниот софтвер, боите може да се прилагодат според вкусот на корисникот, но користењето на телефонот на сонце не е баш најидеално. И покрај стапката на освежување од 60 Hz, скролањето низ веб-страниците, прелистувањето видеа на YouTube или TikTok делува прилично задоволително, како и гледањето филмови на Netflix. Иако екранот нема Gorilla Glass заштита, за заштита од гребнатини е заслужна заштитната фолија која доаѓа веќе поставена на мобилниот телефон.
Перформанси и батерија
Овој уред Vivo го покренува 7-нанометарскиот MediaTek Dimensity 700 чипсет поврзан со 8GB RAM и 128GB простор за складирање што може да се прошири со microSD картичка. Овој чипсет доаѓа со интегриран 5G модем и содржи две брзи ARM Cortex-A76 јадра од 2,2 GHz, шест енергетски ефикасни Cortex-A55 јадра од 2 GHz, како и двојадрен ARM Mali-G57 MC2 графички процесор. Во однос на перформансите, Dimensity 700 најчесто се споредува со 8-нанометарскиот Snapdragon 720G, кој може да се најде кај минатогодишните смартфони од средната класа.
Перформансите во пракса се токму она што може да се очекува во овој опсег. Повеќечасовното користење на социјалните мрежи, прелистувањето содржини, сурфањето на интернет и извршувањето на повеќе задачи не претставуваше проблем за Vivo Y76 5G. Иако уредот има 8GB RAM, што е сосема доволно, постои и Extendable RAM технологија која нуди уште виртуелни 4GB RAM преземени од внатрешната меморија на уредот.
Кога станува збор за гејминг перформансите, Y76 5G без проблеми ги „врти“ полесните мобилни игри како Clash of Clans, Clash Royale, Subway Surfers и слично. League of Legends: Wild Rift исто така не претставува проблем, но тоа не може да се каже за Call of Duty: Mobile и Genshin Impact, во кои јасно се чувствува падот на FPS, па затоа е неопходно графичките поставки да се намалат на пониско или барем средно ниво. Но, добра вест е што навистина е тешко да се „прегрее“ овој смартфон.
Автономијата се должи на батеријата со капацитет од 4.100 mAh, која благодарение на брзото полнење од 44W се полни „до стотка“ за нешто повеќе од еден час. Иако конкуренцијата во овој опсег најчесто им обезбедува на корисниците нешто поголеми батерии од 4.500 до 5.000 mAh, автономијата на овој уред на vivo е повеќе од задоволителна. Денот го завршувавме со речиси 40 проценти батерија, иако поминувавме по неколку часа скролајчи низ Instagram и гледајќи ја новата сезона на Stranger Things на Netflix.
Систем на камери
Vivo Y76 5G на својата симпатична позадина има модул со три камери, кој сосема очекувано, малку се истакнува. Неговиот дизајн е атрактивно направен, а за тоа многу придонесува светлата линија во бојата на телефонот, на која е сместен натписот „High Definition Photography“. Главната камера од 50 MP со отвор на бленда од f/1,8 и фазен систем за автофокус обезбедува задоволителни фотографии во добри услови на осветленост. Вкупниот квалитет на фотографијата значително опаѓа во ноќни услови, но ноќниот режим донекаде ја спасиува ситуацијата. Снимањето е можно во 720p и 1080p резолуција и со 24, 30 или 60 FPS.
На модулот е присутна и макро камера од 2 MP со отвор на бленда од f/2.4, но сметаме дека на нејзино место покорисен би бил ултраширок сензор. Фотографиите што ги произведува се под просекот, со забележителен недостаток на острина и присутен шум на фотографиите. Покрај главната и макро камерата, сензорот за длабочина од 2MP се наоѓа на самото дно на модулот. И покрај релативно просечните перформанси на камерите, треба да се забележи дека софтверот на камерата нуди различни функции, кои посебно би можеле да им се допаднат на помладите корисници – Двојна експозиција, Панорама, Time-Lapse, Documents, Slow Motion, AR Stickers, Dual View и други.
За автопортрети и видео повици, одговорна е предната камера од 16MP со отвор на бленда f/2.0, која се наоѓа во дизајнерски застарен notch во форма на капка вода (waterdrop). Фотографиите што ги произведува се прилично остри, но боите на лицето делуваат малку „фејк“, додека автоматската експозиција често не успева, како во дневни, така и во ноќни услови. Сепак, овие недостатоци може да се маскираат со различни филтри кои доаѓаат вградени во апликацијата на камерата.
Софтвер
Од софтверската страна, Vivo Y76 5G ќе ги задоволи дури и најпребирливите корисници. Ова главно се должи на Funtouch OS 12 интерфејсот, базиран на Android 11, кој неодоливо потсетува на стандардниот Android. Има многу опции за прилагодување, па корисникот може да избере која анимација ја сака при отклучување и заклучување на телефонот, при полнење вклучување USB и многу повеќе. Инаку, Vivo на своите мобилни телефони нуди до три надградби на Android и три години безбедносни ажурирања, што е прилично солидно на пазарот на паметни телефони.
Заклучок
Во секој случај, овој смартфон е наменет за корисници кои бараат најдобар сооднос на вложеното и добиеното, но има жестока конкуренција на ова поле. Vivo Y76 5G доаѓа со многу добри карактеристики, посебно за еден достапен уред од средниот ранг. Се одликува со пристиоен дисплеј и перформанси, релативно долго траење на батеријата, тенок дизајн и збир на одлични камери. И покрак големата конкуренција, Vivo Y76 5G е совршено компетенетен паметен телефон на пазасрот. Оние кои ги сакаат функциите и екосистемот на Vivo ќе добијат квалитетно искуствио, какво и што очекуваат. Vivo Y76 5G е смартфон со огромен потенцијал и достапна цена, кој ќе биде прифатен од голем број потенцијални купувачи.
ПРЕДНОСТИ
- Атрактивен дизајн со матирана задна страна
- Приклучок за слушалки
- ДОполнителна опрема (слушалки, полнач, заштитна маска)
- Поддршка за microSD картичка
- Софтвер
- Одлична автономија на батеријата
- 5G поддршка
ОЦЕНКА: 5/5 (*****)
Vivo Y76 5G – ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Екран | 6,58” IPS LCD (1080 x 2408 ~401 PPI), 60 Hz |
---|---|
Чип | MediaTek Dimensity 700 (8 јадра) |
RAM / Простор за складирање | 8 GB RAM / 128 GB |
Задни камери | 50 MP (f/1.8) + 2 MP макро (f/2.4) + 2 MP длабочинска (f/2.4) |
Предна камера | 16 MP (f/2.0) |
Конекции | GSM / HSPA / LTE / 5G / Wi-Fi 802,11 / Bluetooth 5,1 |
Батерија | 4.100 mAh (неизменлива) / 44 W |
Влез за слушалки | Da (3,5 мм) |
Вид на USB конектор | USB-C |
Димензии и тежина | 163,8 x 75 x 7,8 мм / 175 гр |
Оперативен систем | Android 11, Funtouch OS 12 |
Оценка | 5/5 (*****) |