Ексклузивен разговор со Дерек Ју, првиот човек на Huawei за Централна и Источна Европа, Северна Европа, Канада и Турција, кој се осврна на неколку клучни теми во поглед на работењето на Huawei во моментов и ја откри идната стратегија за развој на компанијата
НИКОЛА БУРАГЕВ
Истанбул – На големиот медиумски настан на Huawei во Истанбул, на кој присуствуваше и веб-порталот Конект.мк, компанијата претстави неколку нови производи во своето портфолио, вклучувајќи го и новиот смартфон на преклопување Huawei Mate Xs2, лаптопите со екрани од 16 инчи – MateBook D 16 & 16s, првиот таблет со електронско пенкало, MatePad Paper, новите паметни телефони од Nova серијата – Nova Y70 и Nova Y90, и најновиот претставник на аудио семејството, безжичните слушалки Huawei FreeBuds Pro 2.
Sвезда на настанот секако беше преклопниот смартфон Мate XS 2, со кој Huawei најави и пресвртница во своето работење. Од оваа премиера, како што велат од компанијата, го поседуваат најцелосното портфолио на флексибилни уреди кое вклучува модели со внатрешен и надворешен екран и телефони на преклоп.
По тој повод разговаравме со Дерек Ју, претседател на Huawei Consumer Business Group за Централна и Источна Европа, Северна Европа, Канада и Турција, кој всушност и ги презентираше новите уреди на големата сцена во Volkswagen Arena во Истанбул. Ју се осврна на неколку клучни теми во поглед на работењето на Huawei во моментов и ја откри идната стратегија за развој на компанијата.
Бизнисот со паметни телефони и лаптопи е намален поради недостатокот на чипови. Како стои Huawei во тој поглед и каква е вашата идна страгегија во врска со паметните телефони, посебно во сегментот на флегшип смартфоните и флексибилните уреди?
Дерек Ју: Смартфонот останува наша примарна цел, пазарот полека се опоравува и луѓето се подобро реагираат на уредите на Huawei, а токму Nova 9, а посебно Nova 9 SE и Nova 8i се доказ за тоа. Што се однесува до нашата филозофија, никогаш нема да престанеме да произведуваме телефони, но и да иновираме. Тука пред се мислам на воведување на нови технологии и сегментација на пазарот, со цел секој да го добие она што го бара, но и да биде задоволен од понудата и начинот на кој го прави она што ќе го избере.
Huawei цели на целиот свет, интернационалните пазари и не размислува исклучиво локално. Сакаме да бидеме бренд што луѓето го сакаат, како на локално ниво, така и глобално и нашите тимови работат и на едната и на другата задача, кои ни се подеднакво важни. Речиси секој пазар се однесува на свој начин, секоја земја има своја култура и начин на однесување, така што се трудиме да ги испочитуваме сите барања посебно во таа смисла.
Мислам дека минатата година претставуваше предизвик, поради доцнењето во производството на паметни телефони и преносни компјутери, а и деловните перформанси не ги исполнија нашите очекувања. Поради тоа се фокусиравме на паметните часовници и периферните уреди, што се категории кои го покренаа брзиот раст. Секако, мислиме дека нашиот бизнис со смартфони полека се враќа и периодов имаме се поголем удел на пазарот. Истовремено, имаме предизвици и со бизнисот со лаптопи, не само поради компанијата Huawei, туку поради целата индустрија.
По Ковид-пандемијата, луѓето се повеќе време поминуваат надвор, а помалку со своите компјутери, поради што целата индустрија забележа пад од околу 20 проценти, а тоа се одрази и на нашето работење. Но, кога се во прашање останатите категории, нашите очекувања се исполнети, а паметните часовници ги надминаа сите наши предвидувања.
Кои се моментно вашите главни ривали и кои се предностите на Huawei во однос на конкуренти на пазарот на паметни телефони, преносни компјутери и носечки уреди?
Дерек Ју: Наши главни конкуренти се Apple и компанијата Samsung. Но, повеќе не се натпреваруваме според уредите, туку натпреварот се префрли на екосистемот. Еден уред повеќе не е доволен, потребна е синергија од сите, со цел сите да работат како еден и со еден да можете да постигнете се преку другите. Тоа е нашата цел во моментов – екосистемот, а не уредот како таков. Тоа време помина.
Мислам дека првенствено нашите предности ги остваруваме благодарение на константните инвестиции во истражување и развој. Како што можевме да видите од слајдовите на презентацијата, во однос на минатата година инвестиравме повеќе и моментно сме први по бројот на поднесени патенти во последните пет години. Поради тоа сме многу самоуверени кога станува збор за нашите иновации и технологии. Втора предност е тоа што Huawei не е само производител на еден тип телефони, бидејќи сега ги имаме паметните телефони и HMS (Huawei Mobile Services) и цел еден екосистем, и со колаборација на уредите во иднина ќе можеме да обезбедиме најдобро AI искуство за корисниците. Третата предност е што се охрабруваме да правиме инвестиции, бидејќи сме самоуверени во нашата иднина, дека ќе понатаму растеме и покрај предизвиците со кои се сретнуваме. Поради тоа, уверен сум дека ќе продолжиме со константни инвестиции и постојана колаборација со нашите партнери. Иновациите се она што најдобро го знаеме и сакаме да го работиме. Имаме волја да соработуваме со сите кои сакаат да соработуваат со нас работиме на тоа Huawei секогаш да биде помеѓу најдобрите партнери. Исто така, влегуваме и на нови пазари како што е B2B, за да пронајдеме нови можности за нашиот бизнис.
Голем број корисници се жалат на цената и издржливоста на смартфоните на преклоп, а токму високата цена е главна пречка да не можат да поседуваат ваков уред и да ги испробаат најновите технологии. Дали во скора иднина може да очекуваме флексибилни телефони по подостапни цени?
Дерек Ју: Цената се наметнува како едно од поважните прашања кога станува збор за флексибилните смартфони. Сведочиме на постојан раст на интересот за ваквиот тип уреди на преклоп и во поглед на имплементацијата на иновативните технологии, сметам дека во моментов цената е разумна. Со тек на време ќе се намалува и цената на компонентите за ваквите телефони и убеден сум дека за брзо време ќе имаме смартфон на преклоп по поприфатлива цена, односно по цена колку што денес чини еден флегшип телефон од нашата понуда. Во однос на коментарите за издржливоста на овие смартфони, можам да ги уверам корисниците дека се работи за повеќекратно тестирани уреди кои ја поминале нашата контрола на квалитет и издржливост и дека во тој поглед нема некоја разлика со останатите флегшип телефони од нашата понуда.
Дали сте задоволни од резултатите и продажбата на уредите на Huawei во Македонија и дали новите уреди преставени во Истанбул ќе бидат достапни и на македонскиот пазар?
Дерек Ју: Македонските потрошувачи ги сакаат производите на Huawei и ја почитуваат работата на нашата компанија. Поради тоа, можам да најавам дека сите уреди претставени во Истанбул со тек на време ќе бидат достапни за купување и од македонските корисници. Тоа значи дека за првпат во Македонија ќе се продава еден смартфон на преклоп од Huawei, а се работи за новиот флексибилен модел Huawei Mate Xs2, кој е ултра лесен, тенок и обезбедува уникатно корисничко искуство, а со кој компанијата продолжува да ги редефинира стандардите во смартфон индустријата. Покрај него,потрошувачите во Македонија ќе можат да ги набават и двата нови смартфони од Nova серијата, двата иновативни лаптопи MateBook D 16 и 16s, најновиот Pro модел на безжични слушалки – FreeBuds Pro 2 и првиот таблет со E Ink дисплеј на Huawei за иновативно искуство како пишување на хартија.
На прво место според продажбата се паметните часовници на Huawei, по што следуваат паметните телефони на компанијата. Сепак, сметам дека македонските корисници ќе се вљубат и во останатите наши најнови уреди и дека ќе има голем интерес и за нив.