Минијатурен робот наречен MIRA наскоро би можел да врши симулирани задачи на Меѓународната вселенска станица кои ги имитираат движењата што се користат за време на операција без помош од хирурзи или астронаути.
Роботот е развиен од професорот Шејн Фаритор од Небраска и го подготвува за пробна мисија на МВС која е планирана за 2024 година. Американската вселенска агенција НАСА му додели на Универзитетот во Небраска-Линколн 100.000 долари преку својата Established Program to Stimulate Competitive Research (EPSCoR).
„NASA долго време го поддржува ова истражување, а кулминација на напорите ќе биде шансата за лет на МВС“, рече Фаритор.
MIRA е резултат на работа која трае речиси две децении, а Фаритор и неговите колеги работат во рамките на нивната компанија Virtual Incision. Досега компанијата има добиено повеќе од 100 милиони долари инвестиции од нејзиното формирање во 2006 година.
Роботот има две основни предности, може да се вметне преку мал засек и да им овозможи на хирурзите да изведат операција на абдомен на минимално инвазивен начин. Хирурзите успешно го користеле роботот за операција на дебело црево. Втората и најважна предност е што благодарение на роботот, хирурзите можат да ја вршат својата работа од далечина, да лекуваат повредени астронаути или дури и ранети војници иако се оддалечени илјадници километри.
Фаритор и студентката Рејчел Вагнер го адаптирале роботот да се вклопи во плакарот за експерименти на МВС и извршија ригорозни тестови за да се уверат дека е доволно цврст за да го „преживее“ лансирањето и дека неговите системи работат како што се очекува.
Роботот ќе биде транспортиран до МВС во ормарче со големина на микробранова печка. Во моментов, MIRA не работи автономно, но хирургот го користи како асистент за време на операцијата. Фаритор проценува дека роботот ќе биде целосно автономен за 50 до 100 години, а сега приоритет е да се нагоди правилно во средина со нулта гравитација.