Руска ракета денеска успешно лансираше ирански сателит во вселената и покрај обвинувањата дека Москва може да го искористи за да го подобри надзорот над воените цели во Украина. Сателитот за далечинско набљудување, наречен Кајам, беше лансиран од руска ракета Сојуз од космодромот Бајконур во јужен Казахстан.
Весникот „Вашингтон пост“ минатата недела објави дека американските власти се загрижени од започнатата вселенска соработка меѓу Русија и Иран и стравуваат дека сателитот не само што ќе и помогне на Русија во Украина, туку и ќе му обезбеди на Иран „невидени капацитети“ за следење на потенцијалните воени цели во Израел и Среден Исток.
Иран соопшти дека сателитот е дизајниран за научни истражувања, вклучувајќи и мониторинг на животната средина за земјоделски цели и дека ниту една друга земја нема да има пристап до информациите што ги собира. Русија се обидува да ги продлабочи своите врски со Иран откако ја нападна Украина во февруари. Во минатиот месец, претседателот Владимир Путин го посети Иран.