По примерот на Netflix, стриминг услугата која неодамна пристигна во Македонија, до крајот на оваа година треба да ја зголеми цената на својот основен план, додека рекламите ќе бидат воведени на сегашното ниво на цени.
Стриминг услугата Disney+, која е достапна и во Македонија од средината на јуни, ќе ја промени политиката за наплата и финансирање. По примерот на Netflix, кој најави дека ќе воведе поевтино ниво на претплата, кофинансирано од реклами, до крајот на оваа година лесно е можно рекламите да станат составен дел и од искуството за гледање на сервисот Disney+. Ова беше соопштено како дел од објавувањето на најновите деловни резултати на компанијата.
За почеток во САД
Disney+ беше лансиран во САД во 2019 година, а месечната претплата тогаш изнесуваше 6,99 долари. Во март минатата година поскапе за еден долар, а таква цена добија и македонските претплатници: 7,99 долари (или во нашиот случај евра) за месечна претплата.
Според информациите кои сега се објавени, оваа основна цена нема да се менува, но за претплата на тоа ниво ќе биде потребно одвреме-навреме покрај серии и филмови да се гледаат и некои реклами.
Оние кои сакаат да се ослободат од рекламите, ќе треба да платат 3 долари повеќе за Disney+, па месечната претплата на пакетот без реклами треба да изнесува околу 10,99 долари. Годишната претплата ќе се зголеми од сегашните 80 на 110 долари, а поевтината годишна опција со вклучени реклами веќе нема да биде достапна. Новите цени во САД ќе стапат на сила на 8 декември, а во текот на август и октомври на претплатниците ќе им бидат понудени и пакети кои комбинираат Disney+, Hulu и/или ESPN+, услуги кои не се достапни на нашиот пазар.
Кога станува збор за поскапувањето на услугите во Европа, засега нема детални информации за тоа. Disney само најави дека услугата поддржана од реклами (а со тоа и зголемувањето на цената) треба да се реплицира на други пазари следната година.
Disney го надмина Netflix
Заедно со деловните резултати, објавени се и најновите податоци за бројот на претплатници. На почетокот на јули, Disney забележал вкупно 221,1 милиони активни претплати на трите стриминг услуги. Со ова за прв пат како компанија го престигна Netflix, кој полека почна да губи корисници. Овој резултат беше постигнат првенствено на пазарите надвор од САД, каде што Disney+ привлече дури 14,4 милиони нови претплатници во изминатите три месеци.