„Инфлуенсери“ е насловот на првата самостојна изложба на Снежана Шумковска која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Таа ќе се претстави со 18 слики на платно работени во комбинирана техника. Во фокусот на изложбата е инфлуенсерството како социјален факт присутен во секојдневнието во последниве години.
– Ова доживување е доловено во различни содржини што ги нуди гигантската електронска џунгла преку интензивен колорит и доминација на цртеж. Човекот зазема централно место во составот во кој симболите се појавуваат насекаде со цел да предизвикаат универзални чувства и аспирации. Делата се со доза на реализам, но и со доза на геометриска и лирска апстракција, карактеристична употреба на текстури, на композиции, чувство на рамнотежа и хармонија, но и спонтаност како клучен фактор – велат организаторите.
Снежана Шумковска е родена 1980 во Скопје, каде што завршува средно уметничко училиште и дипломира на Факултетот за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство. Изложата во МКЦ ќе биде отворена до 24 август.