Воведувањето на можноста за купување намирници во WhatsApp, засега само за индиските корисници е претставено речиси како филантропски потег чија цел е да се забрза дигиталната трансформација на Индија и да се поттикне економскиот раст во земјата.
Корисниците на WhatsApp во Индија сега можат да купуваат намирници директно преку апликацијата, благодарение на партнерството на Meta со локалната е-продавница, JioMart.
„Го лансираме првото end-to-end искуство за купување на WhatsApp, овозможувајќи им на луѓето во Индија да го пребаруваат каталогот на JioMart, да додаваат производи во нивната кошничка и на крајот да платат за нив, сето тоа во WhatsApp“, соопштија од Meta.
Се што е потребно за почеток на купувањето е да ја испратите пораката „Hi“ до JioMart и процесот автоматски ќе започне. Корисниците ќе добијат пристап до целиот каталог на производи на индиската е-трговија и баш како и кај апликациите за испорака на храна, ќе можат да изберат што сакаат да купат.
За можноста за купување намирници на WhatsApp се огласи и Извршниот директор на Meta, Марк Цукерберг.
„Деловното испраќање и примање пораки се област со вистинска динамика, а искуствата како ова ќе бидат идеален начин за бизнисите и луѓето да комуницираат во годините што доаѓаат“, истакна Цукерберг.
Како што пренесува The Verge, JioMart е индиска компанија за е-трговија во сопственост на Jio Platforms, подружница на Reliance Industries, компанија одговорна за евтини телефони и услуги, која многу луѓе во Индија запозна со интернетот и модерната технологија.