На медиумскиот настан „Far Out“ одржан во театарот Стив Џобс во седиштето на Apple беа претставени новите паметни часовници на компанијата.
Apple Watch Ultra
Како што се шпекулираше во последниtе месеци, Apple разви и понапредна, оклопна верзија на Apple Watch, робустниот Apple Watch Ultra за екстремни услови. Куќиштето е изработено од армиран титаниум, а во него е вграден и рамниот сафирен екран. Додадено е ново портокалово акциско копче, вклучен е втор звучник, дигиталната круна е нагласено назабена и целиот часовник е прилагоден да работи со ракавици. Неговата автономија на батеријата изнесува од 36 до 60 часа, а создаден е за зима, прашина, топлина, студ, како и теренски, ноќни и подводни услови.
Apple Watch Ultra доаѓа само во големина од 49 мм, неговиот екран е осетно подобрен и оптимизиран за осветленост (2000 нита) и контраст. Има и дополнителни опции за следење на локацијата и вежбање, а софтверот е специјално прилагоден за авантуристи, маратонци, нуркачи, планинари и за поминување време во потешки услови. Во случај на какви било проблеми, има и вграден моќен звучник кој може да емитува гласен SOS сигнал. Заедно со него, специјално се дизајнирани три ремени: наменети за нуркање, планински услови или услови на патека.
Издржливиот Apple Watch Ultra ќе биде достапен по цена од 799 долари, а испораката ќе започне на 23 септември.
Apple Watch Series 8
Најпрвин беше објавена новата линија Apple Watch Series 8. Заоблениот дизајн остана речиси непроменет, а екранот се протега од работ до раб, со тенка рамка – исто како и досега. Меѓу новитетите се издвојува сензорот за телесна температура, кој треба да биде наменет пред се за женското здравје и подетално следење на менструалните циклуси и овулацијата. Дополнително на новата линија е и системот за препознавање сообраќајни несреќи (мери забрзување до 256 G), кој му овозможува на часовникот автоматски да ги извести службите за итни случаи. Алгоритмите за препознавање несреќи се обучуваат во реални услови, а системот е активен само додека возите и ги обработува податоците само кога ќе открие несреќа.
СО надградбата на софтверот и постарите модели на Apple Watch ќе добијат режим на работа за заштеда на батеријата (low power mode), како и поддршка за роаминг (во случај да се спојуваат на мобилните мрежи). Apple Watch Series 8 пристигнува во четири бои на алуминиумско и три бои на челично куќиште, во две големини како и досега (45 и 41 мм).
Цената изнесува 399 долари за GPS моделот, односно 100 долари повеќе за часовникот со GPS и поддршка за мобилните мрежи. Испораките почнуваат на 16 септември.
Apple Watch SE
Најевтината варијанта на Apple Watch доби мала надградба, со нови бои и пластична задна страна. Новиот SE модел вклучува сензори за несреќи, падови и слично, заедно со надграден хардвер (ист процесор како Series 8) и идентичен екран како претходникот – така што ќе биде и до 20% побрз од досегашниот Watch SE. Што се однесува до цената, основниот модел ќе чини 249 долари, а оној со поддршка за мобилна мрежа ќе чини 299 долари.