Samsung Galaxy Z Fold 4 се покажа прилично издржлив на екстремниот тест за издржливост на Зак Нелсон, а сега на ред пристигна и неговиот „помал брат“ – Galaxy Z Flip4.
По опсежното тестирање на издржливоста на Galaxy Z Fold 4, Galaxy Z Flip4 пристигна во рацете на YouTube блогерот Зак Нелсон. Бидејќи станува збор за поевтиниот и попопуларен преклопен уред на Samsung, многумина нетрпеливо го чекаа видеото од екстремниот тест да се појави на каналот JerryRigEverything.
Тестот традиционално почна со гребење на екраните. Иако надворешниот дисплеј од 1,9 инчи има Gorilla Glass Victus Plus заштита, веќе почнаа да се појавуваат гребнатини на шестото ниво на Мосовата скала на тврдост, со подлабоки оштетувања на седмото ниво.
Одвнатре, ситуацијата е малку поинаква. Исто како и кај Z Fold4, внатрешниот екран на новиот Flip има мека структура и на него остануваат траги доколку премногу силно се притисне со ноктот. Поради оваа причина, гребнатини се појавуваат веќе на второто ниво на Мосовата скала на цврстина, со подлабоки оштетувања на третото ниво.
По гребењето на екраните, а подоцна и целото куќиште на телефонот, Нелсон го покри внатрешниот екран на Z Flip4 со мали камчиња и прашина. Причина за тоа, како што самиот истакнува,е фактот што овој модел доаѓа со IPX8 водоотпорен сертификат. Со други зборови, нема никаква заштита од прашина, песок и слично.
И покрај ова, Z Flip4 го преживеа „бањањето“ со ситни камчиња и прашина, па корисниците, според Нелсон, не мора да се грижат за тоа што уредот нема официјална заштита. Сепак, очекувано, внатрешниот екран не ја преживеа запалката, бидејќи не е направен од стакло, туку од пластика.
За крај на овој тест, пристигна превиткувањето на уредот. Galaxy Z Flip4 се свитка со звуци на пукање повеќе од неговите претходници, но сепак остана целосно функционален. По ваквото „мачење“, смартфонот повеќе не можеше да биде целосно затворен, но сепак Нелсон призна – новиот Flip го „преживеа“ неговиот тест за издржливост.