Кинеските истражувачи развиле маска која ги предупредува корисниците на изложеност на коронавирус или грип.
Сензорот вграден во маската успева да ги открие вирусите на Ковид-19, Х5Н1 и Х1Н1 во воздухот во рок од десет минути и да испрати известувања до уредот, според студијата предводена од шест научници од Универзитетот Тонги во Шангај. Резултатите се објавени во научното списание Matter.
Новиот уред, кој се наоѓа надвор од маската и има литиумска батерија што се полни, беше тестиран со прскање патогени во затворен простор. Симулирано е веројатно сценарио во кое некој зборува или кашла. Сензорите реагираа дури и на течност во примерок помал од количеството произведено со кивање испраќајќи предупредувања до безжични уреди, како што се телефоните, пишува списанието.
„Претходните истражувања покажаа дека маските го намалуваат ширењето на вирусите. Затоа сакавме да направиме маска што го предупредува корисникот за присуството на вируси во воздухот“, вели Јин Фанг од Универзитетот во Шангај и еден од авторите на студијата.
Истражувачите велат дека уредот најдобро се користи во затворени простории, каде што ризикот од инфекција е висок. Тие работат на намалување на времето за откривање и на чувствителноста на уредот, кој може да се конфигурира за разни вируси доколку е потребно.