Јуниорскиот тим на македонски информатичари после доста успешното претставување на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Романија, својот квалитет го потврди и на Европската јуниорска олимпијада по информатика, која се одржува онлајн со Украина како домаќин.
На овој највисок настан за информатичко натпреварување за јуниори нашиот ученик Дамјан Давков од Штип освои сребрен медал, што е историски првиот медал за Македонија на оваа олимпијада која се одржува веќе 6 години по ред.
Тимот кој ја претставува нашата земја е составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Натпреварувачите се натпреваруваа онлајн, во просториите на ФИНКИ, под раководство на Владислав Бидиков, а дел од активностите беа спроведени во новиот ИТ хаб во Скопје – Нетавил. На олимпијадата, покрај сребрениот медал за Дамјан, одличје олимписка пофалба освоија и Никола Стојковски и Владимир Грчев.
Македонските тимови при досегашните учества на оваа олимпијада имаат освоено 3 бронзени медали, а успехот на јуниорите ветува дека во иднина ќе имаме и одлични натпреварувачи за интернационалните натпревари на средношколско ниво.
Годинава пред македонските информатичари се и Балканска олимпијада по информатика, на почеток на октомври, во Букурешт, Романија и Европската олимпијада за девојки во Анталија, Турција во втората половина на октомври. Патувањето на учениците до Романија ќе биде под покровителство на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, а циклусот натпревари и подготовки на учениците е поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и Семос Едукација.