Поефикасната селекција и рециклирање на амбалажниот отпад, беше тема на меѓународната работилница, што се организираше од компанијата „Пакомак“ во Скопје, а на која учествуваа најголемите компании за управување со отпад од регионот – кои се членки на организациите ПРО ЕУРОПЕ и ЕКСПРА со седиште во Брисел, меѓу кои од Грција, Бугарија, Србија, Романија, Унгарија и Босна и Херцеговина, како и претставници од Белгија, Чешка и од Кипар.
Според директорот на „Пакомак“ Филип Ивановски, земјава не заостанува многу во однос на регионот во делот на собирање и рециклирање на отпад и се наоѓа некаде во просекот на регионот и дури може да се носи со некои земји членки на ЕУ од регионот.
– Не дека сме многу добри, но не сме ниту лоши, како што генерално постои имиџ во делот на рециклирање. Во Македонија, според нас, се собира некаде во просек 30 проценти од отпадот од пакување, што се пушта на пазарот. Стакло, конкретно се собира повеќе од 35 проценти, од тоа што се пушта на пазарот – изјави Ивановски.
Клучно, според него, е да има инфраструктура бидејќи „Пакомак“ најмногу инвестирал во селекција на стакло. Со самото тоа што од следната година и Министерството ќе се вклучи во поставување инфраструктура се очекува следната година да има уште поголеми резултати.
Наша цел, рече Ивановски, е до 2030 година 70 проценти од отпадот од пакување да се селектира и рециклира.
– Во Чешка 12 евра по глава на жител се собира преку колективниот постапувач, што значи дека со десет милиони жители, се собираат 120 милиони евра годишно кои ги вложуваат во инфраструктура. Слично е во Германија, околу една милијарда на 80 милиони жители. Во Македонија ние како граѓани во моментов плаќаме на 1,8 милиони жители евро до евро и половина на сите селективни постапувачи. Не може да очекувате да ги имате истите резултати – изјави Ивановски.
Ова, според него, е процес што во Германија постои 30 години, и изрази верување дека и ние за 20 години од сега ќе бидеме најмалку исто, но за тоа, како што рече, треба да работиме сите заедно.
Работилницата имаше на цел размена на искуствата во поставувањето, развивањето и функционирањето на шемата за преработка и рециклирање на отпадот од пакување со која се ослободуват индустриските компании и трговските претпријатија од нивната индивидуална обврска да ги вратат искористените продажни пакувања. Што води кон управување со отпадот од пакување на економски најефикасен и еколошки најздрав начин.
Беше истакнато дека минатата година, во рамки на реформите на правната регулатива, бше донесен пакет од 6 нови закони што се ориентирани кон принципите на циркуларна економија, превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа.
Министерот Нуредини истакна дека новодонесениот Закон за проширена одговорност на производителот дава силни аргументи за воспоставување на ваква шема за одговорност на производителите и е важна алатка за изградба на функционални системи за управување со отпад.
„Ние се обврзавме да инвестираме голем дел од средствата собрани од производителите во инфраструктура за селекција на отпадот со што ќе им помагаме на граѓаните кога станува збор за примарна селекција. Граѓаните и општините ќе ги информираме за ефектите од примарната селекција на отпадот дека колку повеќе селектираме отпад, толку помала количина на отпад завршува во депонија. Во новиот закон е вклучена и нова цена за пластични кеси, односно 15 денари за една кеса. Овие пари одат исклучително во фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање и истиот е транспарентно објавен и достапен за сите граѓани, рече министерот Нуредини, додавајќи дека до крајот на јуни оваа година во фондот се собрани над еден милион евра, со очекување дека истите ќе бидат дуплирани до крајот на годината.
Средствата од собрани од продажбата на пластични кеси во земјата ќе бидат наменети во поставување на нова инфраструктура за селекција на отпадот ширум државата.
„Тоа значи поставување на нови 5000 контејнери за селектирање, а остатокот од средствата ќе биде наменет за едукативни кампањи за кревање на јавната свест за примарна селекција на отпадот и рециклирање на истиот”, дополни тој.