Surface Pro 9 доаѓа и како замена за Surface Pro X со можност да се купи со ARM чип, наместо со Intel, па Microsoft ги спојува овие два уреди во еден
Microsoft ја објави новата генерација на Surface Pro 9 таблет уредот, кој располага со можност за избор на различни процесори. Корисниците ќе можат да се одлучат за Intel Core од 12. генерација или прилагодениот SQ 3 ARM чип, кој нуди и 5G конекција.
Surface Pro 9 поседува 13-инчен PixelSense дисплеј со Full HD+ резолуција, стапка на освежување од 120 Hz, максимална осветленост од 450 нита и заштитна обвивка Gorilla Glass 5.
Компанијата тврди дека ја подобрила веб камерата (1080p), а има и мало подигнување од 4 степени. Постојат разлики и помеѓу двете платформи, при што Intel верзијата овозможува до 32 GB LPDDR5 RAM и 1 TB SSD, а ARM моделот до 16 GB LPDDR4x RAM и 512 GB SSD.
Траењето на батеријата со едно полнење, кај двата модела изнесува 15,5 и 19 часа. Во варијантата со ARM процесор постои USB Type-C 3.2 порт и слот за SIM картичка. Софтверски, за Intel верзијата постои избор помеѓу Windows 10 и 11 Pro, а за ARM е достапен Windows 11 Pro.
Мултимедијалниот систем се состои од два звучника од 2 вати, а кај Intel платформата има и поддршка за Dolby Atmos. Достапни се и два микрофони со широк опсег. Конструкцијата на таблетот е алуминиумска и со хардверски копчиња за вклучување и контрола на јачината на звукот.
Верзијата на Intel е достапна во Platinum, Graphite, Sapphire и Forest варијантите на бои, со цени кои започнуваат од 999 долари за основната верзија со Intel Core i5, 8GB RAM и 128GB SSD. Најевтината конфигурација со ARM процесор е 1.300 долари, а овој модел е достапен само во Platinum боја. Како и секогаш, постои и опција за поврзување на тастатура за поголема продуктивност.