Американската војска во 2021 година потпиша договор со Microsoft вреден 22 милијарди долари, а се однесува на набавка на „паметни“ очила наменети за војници.
Една година по потпишувањето на договорот, програмата има проблеми поради одложувања и перформансите опаднаа на четири од шест тестирања кои ги спроведе американската војска.
Договорот првично беше потпишан со Microsoft во 2018 година и вреден беше 480 милиони долари за компанијата да развие прототип на напредни паметни очила наречени Integrated Visual Augmentation System или скратено IVAS. Иако очилата со изгледот беа слични на Microsoft HoloLens очилата, комерцијално достапни на пазарот, војската побара IVAS да бидат уште понапредни.
Поточно, желбата на војската беше да интегрира неколку технологии во една платформа за војниците да можат да ги користат во текот на обука, вежби и борби. Очилата мораа да имаат ноќен вид со висока резолуција и термални сензори. Според договорот, Microsoft требаше да испорача 120.000 IVAS хедсетови во период до 10 години, а вкупната цена изнесуваше 22 милијарди долари.
Но, уредот не се покажа најдобар во четири од шест оценувања при демонстрација, се наведува во извештајот, пренесе Business Insider.
Еден од недостатоците е што екранот е видлив од неколку стотина метри оддалеченост, а тоа би можело да ги предупреди непријателите и да ја издаде локацијата на американските војници.
Втор проблем е ограниченото видно поле и периферниот вид кога се носат очилата, како и ограниченоста на движење на војниците со оглед на големината и тежината на уредот.
И покрај лошите резултати, американската војска и понатаму планира да го купи IVAS, но потребно да се направат подобрувања на кои веќе работат од Microsoft.