Меѓународниот балкански универзитет со пригодна свеченост го одбележа стартот на новата академска година. Годинава, образованието на МБУ го започнуваат 800 нови студенти, од кои 300 од нашата земја и 500 од странство, што е број на новозапишани студенти поголем од лани кога во прва година имало 653 студенти.
На свеченоста по повод почетокот на новата 2022/2023 учебна година присуствуваа и вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерот за здравство, Беким Сали, ректорот на МБУ, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем, Претседателот на управувачкиот одбор на Универзитетот, Реџеп Сулејман Оздил, Амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизкок, Министерот Џемаил Чупи, и други гости.
„Меѓународниот балкански универзитет направи голем исчекор во последните 4 години и веќе достигна бројка од околу 3800 студенти. Ние сме универзитет што дава најмногу стипендии во светот меѓу основаните универзитети во споредба со бројот на студенти. Благодарен сум на нашиот одбор што ги обезбеди овие неверојатни можности за стипендирање. Во овој поглед, МБУ е непрофитен универзитет и презема сериозна општествена одговорност во Северна Македонија и на Балканот. Нема друг универзитет овде што исполнува ваква општествена одговорност на овој начин. Стипендиите што ги даваме и неверојатниот број можности што им ги даваме на нашите млади се наша најголема гордост и многу важен придонес за Северна Македонија“, изјави Мехмет Дурсун Ердем, ректор на МБУ.
Универзитетот на идните академски граѓани им нуди вкупно 40 различни програми, вклучувајќи 22 додипломски, 14 постдипломски и 2 докторски програми, на 9 факултети во текот на 5-годишното образование, со оптимално комбинирана практична и теоретска, современа наставна програма, целосно на англиски јазик, која се одвива во современ универзитетски кампус, со модерна опрема и сите потребни наставни помагала за ефикасно и ефективно учење. Во наставата е вклучен квалификуван академски кадар со меѓународна репутација и искуство.
„Во последните четири години, Меѓународниот балкански универзитет стана центар на научни и општествени активности, прв во образованието според Шангајските критериуми, чиј квалитет беше подобрен во областа на образованието, прв во програмата Еразмус, универзитет со највисок број запишани студенти меѓу приватните универзитети во последниве години, универзитет со напредок од 987 единици на академското рангирање. Ова е универзитет што е гордост на Северна Македонија. Нашата цел е да станеме еден од највлијателните универзитети на Балканот и Источна Европа, и ќе продолжиме да работиме на нашиот фокус да се трансформира МБУ во ефективна образовна институција, прво на Балканот, а потоа и во Источна Европа“, рече ректорот Мехмет Дурсун Ердем.
Бројот и структурата на студентите кои студираат на МБУ го потврдуваат епитетот меѓународен бидејќи Универзитетот освен што е единствен во Северна Македонија со англиски јазик како официјален јазик на настава и комуникација, туку на него студираат млади од повеќе од 20 земји во светот. Од вкупниот број студенти стандардно околу 40 проценти се од Северна Македонија, додека 60 проценти се од други земји, не само од регионот, туку и од Америка, Централна Азија, Африка и Далечниот Исток. МБУ е иновативен и модерен универзитет кој се базира на универзални вредности и истиот, покрај во Турција, е признаен и во Европа и во Америка.
Нивото и квалитетот на образовниот процес што ги нуди Универзитетот се зголемува со програмите и договорите за студентска мобилност, односно можност за размена преку договори што МБУ ги има со над 160 универзитети во 40-тина земји од Европа и светот, преку европската мрежа за студентска мобилност Еразмус+.
Меѓународниот балкански универзитет според објавените податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) ланската година беше универзитет со најмногу новозапишани студенти во споредба со другите приватни универзитети во државата. Лани, МБУ беше избор на 2.221 студент што го прави најпопуларен и најголем приватен универзитет во земјата. Објавените податоци од ДЗС покажуваат и раст на интересот за студирање на МБУ. Имено, во претходната 2020 година на Универзитетот биле запишани 2.024 студенти, што значи дека лани се запишале речиси 200 студенти повеќе.
Како општествено одговорна високообразовна институција, МБУ секоја година обезбедува голем број стипендии за најдобрите средношколци кои сакаат да го продолжат своето образование на овој реномиран универзитет. Во зависност од успехот во средното образование се покриваат од 50% до 100% од школарината за секој семестар, а во изминативе 16 години оваа можност ја искористија над 1500 средношколци.
Досега, на МБУ дипломирале над 900 студенти, а потврда за квалитетот на образовниот процес и посветеноста на студентите е и фактот што дури 90% од нив се вработени и веќе градат успешна кариера во домашни и странски компании.