Научниците од Европската вселенска агенција конвертираа во звук податоци собрани од три сателити, а крајниот резултат е тонски запис кој звучи навистина застрашувачки.
Иако интернетот деновиве е преплавен со хорор содржини воочи Ноќта на вештерките, оставете ги страшните филмови и игри на страна за да слушнете нешто навистина страшно. Европската вселенска агенција објави аудио снимка на која може да се слушне како звучи магнетното поле на нашата планета. Додека нас нѐ заштитува од космичното зрачење, наелектризираните честички и сончевите бури, излезе дека магнетното поле на Земјата произведува навистина вознемирувачки звук.
За да ја направат оваа снимка, научниците од Техничкиот универзитет во Данска не наместиле микрофони насочени кон небото, бидејќи процесот на добивање на овој звук не е толку едноставен, туку податоците од сите три Swarm сателити ги конвертирале во звук, а добиената снимка го претставува магнетното поле при удар на сончева бура.
„Тимот користеше податоци од Swarm сателитите на ЕСА, како и други извори, и ги користеше овие магнетни сигнали за да ја манипулира и контролира звучната репрезентацијата на јадрото од половите. Проектот секако претставуваше исполнувачка вежба на спојување на уметноста и науката“, вели Клаус Нилсен, музичар и еден од поборниците на проектот. „Звукот на земјиното магнетно поле е пропратен со приказ на геомагнетна бура која настанала како последица од ерупција на сончева бакља на 3 ноември 2011 година, ио навистина звучи застрашувачки“.
Ова не е прв пат научници да претворат нечујни сили во звук. Минатата година NASA објави звучна репрезентација на магнетното поле околу месечината Ганимед на Јупитер, а неодамна успеавме да слушнеме и како звучи црна дупка.