Компанијата HMD Global, која ги произведува телефоните на Nokia го претстави најновиот смартфон на преклопување. Сепак, не се работи за преклопен уред на кој сме навикнати во изминатите неколку години, туку за класичен телефон на преклопување со копчиња и основни функции. Телефонот се вика Nokia 2780 Flip и доаѓа со Т9 тастатура.
Nokia 2780 Flip го покренува чипот 215 на Qualcomm, кој има четири-јадрен процесор. Работи на такт од 1,3 GHz и поседува X5 LTE модем со максимална брзина на преземање од 150 Mbps. Телефонот поддржува VoLTE и RTT, што овозможува испраќање пораки за време на повик. Уредот се испорачува со KaiOS 3.1 кориснички интерфејс.
Nokia 2780 Flip е опремен со 2,7-инчен TFT екран. Станува збор за внатрешниот екран, додека другиот е 1,77-инчи и се наоѓа на надворешната страна на капакот на телефонот. На капакот се наоѓа и главната и единствена камера со сензор од 5 MP со фиксен фокус и LED блиц.
Компанијата HMD Global наведува дека смартфонот има 512 MB внатрешен простор за складирање и 4GB работна меморија (RAM). Сепак, овие 4 GB RAM изгледаат малку нереални за овој тип на телефони и веројатно е дека се работи за грешка на компанијата.
За автономијата на телефонот е одговорна батерија од 1450 mAh, а таа е заменлива батерија, што значи дека корисникот може лесно да ја замени без да мора да оди во сервисен центар, што е случај со модерните паметни телефони.
Телефонот има и функции како FM радио, поддршка за MP3 и поддршка за Wi-Fi 802.11 b/g/n. Достапен е во сина и црвена боја, а телефонот чини 90 долари во САД.