Пред една недела, Европската унија донесе закон со кој се забранува продажба на нови автомобили со погон на фосилни горива од 2035 година. Алтернативата треба да бидат електричните автомобили.
Но, поради дивеењето на цената на струјата, се поставува прашањето дали возењето во електрични автомобили е поисплатливо од возењето на дизел или бензин? До неодамна, пресметката беше јасна, но ситуацијата е драстично променета.
Според пресметките на италијанскиот портал Facile.it, специјализиран за заштита на потрошувачите, цената за полнење на електричен автомобил денес е за 160 отсто повисока од пред една година. Минатата година електричниот автомобил бил најевтин за полнење, а во зависност од моделот трошокот бил меѓу 50 и 70 проценти помал од оној кај автомобилите на бензин и дизел.
Италијанците анализирале три различни автомобили во електрична, дизел и бензинска верзии, со потрошувачка декларирана од производителите на автомобили (WLTP тест) и сегашните цени на струјата и горивото.
За поминати 1.000 километри, сопственикот на автомобил од Б сегментот (моќност од 100-136 КС) ќе потроши 71 евро за дизел, 83 евра за бензин, а 85 евра за струја!
Во случај на седан од C сегментот (130-150 КС), цената на дизелот е 77 евра, струјата е 80 евра, а бензинот е 88 евра.
Единствениот случај во кој електричниот автомобил сè уште е најповолна опција е седан во сегментот D (249-286 КС). За илјада километри електромобилот ќе „испие“ само 99 евра струја, дизел 108, а бензин 124 евра.
Според истражувањето пренесено од италијанските медиуми, пресметките се направени при полнење на автомобилот на домашен приклучок. Полнењето на јавните полначници е уште поскапо.