Американската вселенска агенција NASA беше принудена повторно да го одложи лансирањето на мисијата Artemis I, овојпат поради тропската бура Nicole, која се приближува до брегот на Флорида.
Ракетата требаше да биде лансирана на 14 ноември во раните утрински часови на добро време, но тоа нема да се случи. Сепак, одреден е нов датум за лансирање – 16 ноември.
„Промената на датумот на лансирање ќе и овозможи на нашата работна сила да се грижи за своите семејства и домови и да се врати по бурата и повторно да го подготви статусот на лансирање“, соопшти NASA.
Меѓутоа, доколку ракетата не биде лансирана на 16 ноември, три дена подоцна ќе следи нов обид. Доколку мисијата биде успешна, тоа ќе биде прво лансирање на масивната ракета SLS на NASA, која е дизајнирана за патување во длабоката вселена. Мисијата се вика Artemis I и вклучува патување на беспилотното летало Орион околу Месечината и назад. Целта е да се тестираат системите кои ќе бидат потребни при идните вселенски летови и на крајот се планира слетување на луѓе на површината на Месечината.
Ова е втор пат бура да ги нарушува плановите за мисијата Artemis I. Во септември лансирањето беше откажано поради ураганот Иан, а ракетата беше вратена во објектот Vehicle Assembly Building, каде што беше чувана на безбедно. Меѓутоа, овој пат NASA одлучи да ја остави ракетата на лансирната рампа бидејќи може да издржи силен дожд и ветрови до 140 км/ч.