Софтверот ги анализира податоците за зелените проекти и нивниот ефект врз микроклимата во одредена област и одредува конкретни заштеди на трошоците
Зеленилото стана незаменлив дел од градовите со висок квалитет на живот, а со себе носи и бројни предности од кои луѓето секојдневно имаат придобивки. Освен што го разубавува изгледот на градот, ја намалува прашината и загадувањето и произведува кислород. Исто така, ја намалува температурата и дава сенка во лето, а за време на дождливите периоди ја задржува водата и ја ослободува градската канализација. Зеленилото го подобрува и квалитетот на воздухот, а со тоа и квалитетот на животот на граѓаните.
Но, проектите за зазеленување носат и заштеда на трошоците. Благодарение на новиот софтвер Greenvaluation во главниот град на Австрија, можно е да се пресмета колкави придобивки носат одредени мерки за зазеленување и колку пари се заштедени, а може да помогне и во планирањето на идните зелени проекти.
Метеоролошки податоци во реално време
Софтверот се базира на технологија која ги анализира податоците за зелените проекти како зелени фасади и покриви, дрвја, паркови и слично како и нивниот ефект врз микроклимата во одредена област. Во иновативниот систем, метеоролошките податоци во реално време континуирано се вклучени во анализата, така што конкретните заштеди на трошоци може прецизно да се одредат и да се прикажат во одреден временски период.
Корисниците на алатката, на пример, имаат увид во разликите помеѓу дождливите месеци и топлите периоди. Софтверот ги зема предвид индикаторите како што се производство на кислород, апсорпција на јаглерод диоксид и радијација, задржување на вода, капацитет за ладење и пропорција на зелени површини.
Овој метод е развиен врз основа на реални студии на случај и постојано се тестира. Така, на пример, алатката пресмета дека одржливиот и зелен хотел „Stadthalle“ во 15-та област во Виена заштедил 2.000 евра во трошоците за ладење на зградите за една година, а во исто време задржал 488.500 литри дождовница.
Greenvaluation произлезе од истражувачки проект спроведен како дел од програмата City of Tomorrow (Град на иднината) на Австриската агенција за промоција на истражувањето (FFG). По успешното завршување на проектот, оваа иновативна технологија ќе може да ја користат градските администрации и сопствениците на згради.