Интерните извештаи и неодамнешните отпуштања покажуваат дека Amazon повеќе не верува во своите хардверски планови.
Amazon годинава беше принуден да отпушти голем дел од своите вработени. Еден оддел што го доживеа најголемиот удар на ова поле е тимот на Alexa, кој е одговорен за создавање на некои од најдобрите Echo дисплеи.
Сега станува сè појасно зошто се случи оваа ситуација, бидејќи се чини дека одделот Worldwide Digital на Amazon претрпува големи загуби, а тоа ги вклучува уредите Echo и Prime Video, додека иднината на одделот Alexa е неизвесна.
Извори запознаени со ситуацијата посочуваат дека оперативната загуба на одделот Alexa во текот на првиот квартал од 2022 година изнесува околу три милијарди долари. Ова е најголема загуба за кој било оддел во Amazon.
Гледајќи ги овие резултати, може да се дојде до заклучок дека вообичаениот план на Amazon, кој вклучува субвенционирање на продажба на хардвер, преку продажба на услуги и други производи кои се нудат со хардверот, не функционира толку добро како што се мислеше.
Се истакнува дека Alexa претставува огромен неуспех на имагинацијата, како и пропуштена шанса. Изворите велат дека нема јасна насока во која треба да се оди со хардвер во компанијата.
И покрај големиот број отпуштања и нови проблеми, Amazon нагласува дека останува посветена на развојот на уредите Echo и Alexa и ќе продолжи да инвестира во нив.