Интервју со Проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска од Фармацевтскиот факултет при УКИМ во Скопје
Пред извесно време беше презентиран мултидисциплинирниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“ спроведен од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науки и уметности. Професорката Јасмина Тониќ-Рибарска, еден од истражувачите на овој проект која работи како професорка на Инситутот за применета хемија и фармацевтски анализи при Фармацевтскиот факултет, УКИМ во Скопје се осврна на здравствените последици од пушењето и релацијата помеѓу хемијата на тутунот и никотинот, истакнувајќи дека изнаоѓањето на алтернативни начини на задоволување на потребата од никотин, базирани на производи кои се карактеризираат со помала штетност во однос на цигарите е важна гранка од современата наука и технологија.
Кои се здравствените импликации од користење на цигарите и што е главната причина за развој на болести поврзани со пушењето?
– Бројни релевантни научни студии истакнуваат дека цигарите предизвикуваат извонредно сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи кардиоваскуларни заболувања, хронична опструктивна белодробна болест, емфизем, рак на белите дробови, зголемена подложност на различни инфективни болести. Штетата што ја предизвикува пушењето на цигари е повеќеслојна и сложена. Изложувањето на штетни и потенцијално штетни хемикалии кои во најголема мера се создаваат при процесот на согорување на тутунот, е главната причина за развој на болести поврзани со пушењето. Штетните здравствени ефекти од пушењето се примарно предизвикани од хроничната изложеност на токсични супстанции кои се формираат при согорувањето на тутунот, а не од самиот никотин. Иако никотинот не е без ризик и предизвикува зависност, сепак тој не е примарна причина за болестите поврзани со пушењето.
Колку концептот на намалување на штети од користење на тутунот може да помогне во минимизирањето на штетните ефекти од тутунот во согласност со активностите за промоција на јавното здравје.
– Суштината на овој концепт е престанување со пушење како најдобра опција, но на останатите кои не можат да се откажат од оваа навика, им се дава сугестија за користење на помалку штетни производи кои го загреваат, а не го согоруваат тутунот. Консумацијата на никотин на помалку штетни начини може да ги поддржи целите на јавното здравје со тоа што ќе ги поттикне пушачите кои инаку би продолжиле да пушат да се префрлат на помалку штетни производи. Затоа, клучно е да се обрне внимание на најголемите заблуди за никотинот за да им се овозможи на пушачите да донесат правилни одлуки. Тутунските производи со модифициран ризик се дизајнирани значително да го намалат или елиминираат ослободувањето на штетни материи, а истовремено колку што е можно повеќе да го зачуваат вкусот, сетилното искуство, профилот на испорака на никотин, како и ритуалните карактеристики на цигарите. Овие производи го загреваат тутунот на температури доста пониски од температурата која е потребна за да дојде до согорување, така што се генерира аеросол кој содржи никотин, но и значително пониски нивоа на штетни и потенцијално штетни супстанции за разлика од чадот од цигарите.
Дали алтернативните начини на задоволување на потребата од никотин претставуваат важна алатка во целокупната стратегија за намалување на штетите од пушењето?
– Несогорливите производи од тутун, односно електрично загреаните тутунски производи претставуваат понова категорија производи, којашто се базира на иновативни технологии кои континуирано се развиваат и подобруваат, а се развиени со цел да се намали ризикот поврзан со пушење цигари кај возрасни пушачи, кои немаат намера да се откажат од пушење. За да се демонстрира дека целосното преминување на несогорливи тутунски производи ја намалува штетноста врз здравјето, потребно е да се направи споредба со ефектите од континуираното пушење, како и со ефектите кои ги има откажувањето од пушење. За добивање на дефинитивни одговори на прашањето дали овие производи го намалуваат ризикот од развој на болести, неопходни се долгорочни епидемиолошки студии, а доколку навистина го намалуваат, тоа намалување треба да може квантитативно да се определи. За таа цел, овие производи треба да бидат достапни на пазарот подолг временски период и треба да бидат користени од голем процент од пушачите. Решавањето на оваа задача бара суптилно комбинирање на најсовремените научни сознанија и соодветна инженерска иновативност. Со оглед на фактот дека станува збор за здравјето на корисниците на овие производи, неопходна е темелна карактеризација на сите хемиски ентитети генерирани од ваквите производи и евалуација на нивната потенцијална штетност.
Дали досегашните научни студии покажаа значителни намалувањана концентрациите на токсични материи во аеросолот генериран оделектричниот систем за загревање на тутун, во споредба со чадот од цигарите?
– Според податоците добиени од релевантни научни студии, кај најголем дел од штетните или потенцијално штетните конституенти, ова намалување изнесува и повеќе од 90% во споредба со цигарите преку согорување на тутунот. Истражувањата на квалитетот на воздухот во затворени простории каде се употребуваат цигари и ЕСЗТ, покажале дека аеросолите генерирани од ЕСЗТ имаат значително помало влијание врз составот на воздухот во затворени простории во кои овие производи се користат, во споредба со чадот од цигари. Она што литературниот преглед го покажа е дека резултатите од досега спроведените истражувања се усогласени, научно издржани и во согласност со ставот дека ЕСЗТ начелно се поврзани со помала штетност по здравјето на луѓето во споредба со пушењето цигари. Употребата на ЕСЗТ е поврзана со значително помала штетност по здравјето на луѓето во споредба со пушењето цигари, иако одреден ризик секако дека постои, но тој е минорен и компарабилен со ризикот кај непушачи. Од прегледот на досега достапните податоци, како и од сознанијата дека истите се веќе означени како производи кои ја намалуваат штетата од користење на тутун од страна на релевантни регулаторни агенции (FDA), овие производи би требало да се земат во предвид како важна алатка во целокупната стратегија за намалување на штетите од пушењето во корист на јавното здравје.