Иновативните решенија кои ги понудија петте компании ќе овозможат развој на иновативни, климатски/чисти технологии, производи и/или процеси насочени кон ублажување или намалување на последиците од климатските промени
Вкупно пет домашни компании се добитници на финансиска поддршка во рамките на Предизвикот за „Справување со климатски промени 2022” кој го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции.
Добитници се: проектот „Влијание на мрежи за засенчување врз квалитетот и антиоксидантниот потенцијал на малини и капини одгледувани во кривопаланечкиот регион” на компанијата Виламет, проектот „Challenger@Work” на компанијата Гринт ИТ, проектот „Еколошки бекатон плочки од оризови лушпи и лигнин” на компанијата Иновативност ДООЕЛ, проектот „Лама” на компанијата Кодхем ДООЕЛ и проектот „Од отпад до органска вредност” Доминос ДООЕЛ. Иновативните решенија кои ги понудија петте компании ќе овозможат развој на иновативни, климатски/чисти технологии, производи и/или процеси насочени кон ублажување или намалување на последиците од климатските промени.
“Климатските проемени се една од најголемите закани со кои се соочува човештвото и затоа навистина сум горд што ФИТР активно се вклучува во заедничките напори на Република Северна Македонија да одговори на предизвиците на климатските промени, особено со инвестиции во ранливите сектори. Предизвикот за справување со климатски промени претставува само почеток, но и конкретен чекор кој го спроведовме во насока на зајакнување на климатското финансирање во Северна Македонија, со што го поттикнавме потенцијалот на приватниот сектор да инвестира во иновативни решенија за справување со климатски промени. Но ние не застануваме тука, врз основа на неодамнешната одлука на Влада, ФИТР да биде назначена за прв национален субјект кој ќе го започне процесот на акредитација за ЗКФ, го започнавме процесот на подготовка на апликација за акредитација за Зелениот климатски фонд. На овој начин, државата ќе може директно да пристапи до ЗКФ, со целосна сопственост во процесот на климатско финансирање и негово подобро интегрирање со националните акциски планови за клима”. – истакна Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Халили истакна дека е уверен дека поддржаните проекти на компаниите, но и сите ние – институциите, научните и граѓанските организации и приватниот сектор, активно ќе се вклучиме во борбата против климатските промени.
Вкупниот буџет на повикот изнесува 7,5 милиони денари, додека Фондот обезбедува финансирање до 90% од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1,5 милиони денари по проект. Спроведувањето на добитните проекти може да биде до 12 месеци.
На предизвикот кој беше отворен од 14.06. до 01.09.2022 год., беа поднесени вкупно 25 проектни апликации, кои ги поминаа двете фази на претселекција и финална селекција од страна на Комисијата за оценување и избор, која ја донесе и конечната одлука за финансирање на најдобрите пет проектни апликации.