Како дел од својот проект ZERO, со цел да се создадат еколошки поодржливи авиони, Airbus објави дека развива пропелерски авионски мотор, кој добива енергија за работа од водородни горивни ќелии.
Airbus, како и поголем дел од воздухопловната индустрија, се свртува кон поеколошки решенија за погон на своите авиони. Веќе знаеме како ја спроведува програмата за декарбонизација ZERO, чија крајна цел е до 2035. година да се воведе во употреба првиот патнички авион со погон на чисти горива, пред се водород. За овие цели, веќе претставија неколку концепти на авиони, разгледуваа согорување на чист водород, а минатата недела открија дека се работи и на мотори на авиони кои работат на електрична енергија, добиена од водородни горивни ќелии.
Водородните ќелии се едно од можните решенија за овој проблем, велат од Airbus, а моментно работат на испитување на технологијата за да утврдат дали навистина може да биде подготвена за комерцијална употреба до 2035 година. Доколку ги постигнат поставените цели во тестовите, водородните ќелии со такви мотори треба да можат да ги напојуваат патничките авиони со капацитет до 100 патници, на растојанија до 1.000 наутички милји (1.852 км).
Ќелии или согорување на водород?
Airbus вели дека ќе продолжи да инвестира во оваа технологија, бидејќи му дава дополнителна опција за архитектурата на која ќе се заснова линијата на авиони ZERO. Конечната судбина на оваа технологија треба да се реши во следните години, а развојот на првиот авион треба да започне во 2027 или 2028 година.
Водородот секако ќе биде главната алтернатива на фосилните горива, велат од компанијата, но се уште не е одлучено дали тој директно ќе се согорува во моторите или ќе се користи за производство на електрична енергија преку горивни ќелии. Последното решение има неколку предности: можно е да се зголеми со додавање на нови ќелии во системот, не создава емисии на азотни оксиди, ниту пак, авионите што се напојуваат на овој начин оставаат зад себе траги на кондензација.