Кинескиот технолошки гигант објави и неколку официјални фотографии од Xiaomi 13 моделите.
Откако беше неактивен околу една недела, поради смртта на истакнат кинески лидер, Weibo профилот на Xiaomi конечно стана активен. Kомпанијата сега објави нов датум за претставување на Xiaomi 13 серијата, но ги сподели и официјалните рендери на Xiaomi 13 моделот.
Xiaomi 13 серијата ќе биде официјално претставена на 11. декември (недела). Настанот за лансирање ќе се одржи во Кина во 19 часот по локално време. Покрај Xiaomi 13 моделите, се очекува компанијата на истиот настан да претстави и некои други производи, како што се паметниот часовник Xiaomi Watch S2, слушалките Xiaomi Buds 4 TWS и десктоп компјутерот Mini Host. Компанијата ќе го објави и MIUI 14 интерфејсот, базиран на Android 13.
Кинескиот технолошки гигант објави и неколку фотографии од Xiaomi 13. Според шпекулациите, Xiaomi 13 и Xiaomi 13 Pro ќе имаат ист дизајн, па веројатно вака ќе изгледа Xiaomi 13 Pro.
На фотографиите забележуваме дека Xiaomi 13 има рамен AMOLED екран со отвор за селфи камера во горниот дел од екранот. Промена може да има кај Pro моделот, бидејќи се очекува да пристигне со малку поголем заоблен екран. Остатокот ќе биде идентичен.
Xiaomi 13 има модул за камера во форма на квадрат на задната страна, а содржи три камери, двоен LED блиц и печатеното име на компанијата Leica, што ќе ги оптимизира камерите за Xiaomi 13 моделите.
На десната страна на уредот има копче за контрола на јачината на звукот и копче за вклучување и исклучување на уредот. На горниот раб има микрофон, IC blaster и звучник, додека на долниот раб има слот за SIM картичка, USB-C порт за синхронизација и полнење и решетка за звучник.
Сината боја на телефонот има кожна обвивка, додека зелената, црната и белата верзија ќе пристигнат со стаклена обвивка.