Главниот град на АВстрија сака да ја зголеми вкупната моќност на фотоволтаичните централи од сегашните 100 MWp на 800 MWp до 2030 година.
Во Виена веруваат во големиот потенцијал na користење на сончевата енергија, па минатата година ја покренаа најголемата иницијатива за зголемување на производството на соларна енергија. До 2030 година планираат да ја достигнат вкупната моќност на фотоволтаичните централи од 800 MWp, што е дури 16 пати повеќе отколку кога започна иницијативата.
Постројките треба да произведуваат 800 GWh електрична енергија годишно, што би било доволно за преку 300.000 електрични автомобили да поминат растојание по 12.000 километри. За градот да ја постигне оваа цел, годишно треба да се инсталираат нови соларни системи, чија вкупна површина одговара на 100 фудбалски игралишта. Австриската престолнина е на добар пат да ги постигне своите цели. Во изминатите две години, капацитетот на соларните системи е двојно зголемен од 50 MWp на 100 MWp.
4.200 соларни погони
Моментно во Виена постојат повеќе од 4.200 соларни централи. И самиот град служи како модел за своите граѓани со инвестирање во поставување на нови фотоволтаични системи во училиштата и зградите во сопственост на Виена. Според сегашните податоци, приближно половина од покривите на Виена може да се користат за производство на соларна енергија. Сите заинтересирани приватни лица како и претприемачи можат да го проверат потенцијалот на сопствената зграда за поставување соларни панели на посебна онлајн платформа.
Со цел да се поттикнат граѓаните да почнат да користат сончева енергија, приватните лица и компаниите можат да аплицираат за стимулации за поставување панели, а градот покрива до 30 отсто од трошоците. Благодарение на стимулациите, досега се инсталирани 314 постројки со вкупна моќност од 27,6 MWp, во кои се инвестирани 4,9 милиони евра стимулации. Австриската престолнина има и центар каде што можете бесплатно да добиете повеќе информации за процесот на префрлување на обновливи извори на енергија.
„Виена е градот на сонцето, барем кога станува збор за користењето на сончевата енергија. Нашата цел е да постигнеме климатска неутралност до 2040 година и да престанеме да зависиме од енергијата од фосилните извори како нафтата и гасот. Заедно со геотермалната енергија, сончевата енергија е еден од најважните фактори што ќе нè доведе до овие цели“, вели Јирген Чернохорски, член на Виенската управа за климата.