Дупка со дијаметар помал од еден милиметар е причина за истекување на течноста за ладење на руската вселенска капсула Soyuz MS-22, закотвена на Меѓународната вселенска станица (МВС), соопшти денеска претседателот на руската вселенска агенција Роскосмос.
Планираната вселенска прошетка на двајца руски космонаути беше откажана минатата недела откако NASA забележа дека тече течност од вселенската капсула.
Пред неколку дена, Сергеј Крикалев, шеф на човечки вселенски летови во Роскосмос, во изјава објавена на Telegram рече дека „причината за истекувањето од Soyuz MS-22 може да биде микрометеороид што го погодил бродот“.
Температурите во капсулата во меѓувреме се зголемија, а Роскосмос ја истражува причината за истекувањето и начините да го реши проблемот. Течноста за ладење служи за регулирање на температурата на капсулата.
„Прелиминарното испитување покажа дека поради дупка со дијаметар од 0,8 милиметри дошло до намалување на притисокот. Екипажот не е во опасност и сите моментално се наоѓаат во МВС“, изјави шефот на Роскосмос, Јуриј Борисов.
Tonight's spacewalk with two cosmonauts has been cancelled as mission controllers evaluate an observed leak on the Soyuz MS-22 crew ship. More… https://t.co/RhlT1kPS7L pic.twitter.com/MyiKMDCGeA
— International Space Station (@Space_Station) December 15, 2022
Температурата на Soyuz MS-22 моментално е стабилизирана под 30 Целзиусови степени и капсулата е во оперативен режим.
Но, Борисов тврди дека е јасно дека ситуацијата „не е добра“ и дека до крајот на месецот ќе биде донесена одлука какви чекори ќе бидат преземени.
Роскосмос, во случај да се покаже дека Soyuz MS-22 е неисправна, би можело да испрати резервно летало за да ги врати космонаутите на Земјата. Резервното летало би можело да биде подготвено за полетување на 19 февруари.
Ниту американската вселенска агенција ниту Роскосмос не го разјаснија температурниот опсег на вселенското летало, колку леталото се приближило до тие граници, колку течноста за ладење истекла или кога истекувањето престанало.
Вселенското летало Soyuz MS-22 ги превезе космонаутите Сергеј Прокопјев и Димитри Петелин заедно со астронаутот на НАСА Френк Рубио до вселенската станица во септември, што е првиот заеднички американско-руски лет според обновениот договор меѓу НАСА и Роскосмос кој им овозможува на мешаните посади да патуваат во вселената и од неа.
Problem with Soyuz MS-22 on the ISS right now! pic.twitter.com/V4Ymvnn2D1
— Chris Bergin – NSF (@NASASpaceflight) December 15, 2022
Русија стави до знаење дека можеби повеќе нема да учествува во транспортот на екипажот до МВС и дека е можно да лансира своја вселенска станица.
Борисов уште во јули изјави дека МВС ја надживеала својата намена и дека вселенската станица е „опасна“. Русија и САД продолжуваат да одржуваат научна соработка.
МВС, која е со големина на фудбалско игралиште, орбитира околу 400 километри над Земјата, е „населена“ од 2000 година и е управувана од американско-руско партнерство кое ги вклучува и Канада, Јапонија и 11 европски земји.