Научниците поставија нов светски рекорд за ефикасност на соларни ќелии, претставувајќи го ова достигнување како „голем скок“ напред во областа на обновливите извори на енергија.
Тим од истражувачкиот центар Helmholtz Zentrum, Берлин (HZB) успеа да претвори 32,5 отсто од сончевата светлина во електрична енергија користејќи нова технологија на тандемски ќелии, пренесува Independent.
Дизајнот се состоеше од долна ќелија изработена од силикон – материјал кој најчесто се користи во стандардните соларни панели – заедно со тенка горна ќелија направена од таканаречениот „чудотворен материјал“ – перовскит.
„Ова е навистина голем чекор напред што не го очекувавме до пред неколку месеци“, рече професорот Стив Албрехт од HZB. „Многу сме возбудени поради новото откритие, што укажува дека тандемот перовскит-силициум е многу ветувачки од технолошка гледна точка во насока на добивање енергија од обновливи извори.
Рекордот, кој беше независно потврден од European Solar Test Installation (ESTI) во Италија, го собори претходниот поставен во октомври со значителна разлика од еден процент. За споредба, сегашниот рекорд на ефикасност за традиционалните соларни ќелии базирани на силикон е околу 22 проценти.
Материјалот перовскит е фален за неговите потенцијални примени во различни индустриски области, од обновливи извори на енергија до телекомуникациите.
Во текот на последната деценија, ефикасноста на користењето на сончевата светлина за генерирање енергија порасна речиси 10 пати, од 3,8 отсто на денешниот рекорд од 32,5 отсто.
Соларната енергија е клучна во транзицијата кон обновливи извори на енергија во последниве години, а нејзината употреба ќе порасне за 23 проценти во 2021 година, според податоците од Global Electricity Review 2022.
Неодамнешно истражување на компанијата International Energy Agency (IEA) предвидува дека обновливите извори на енергија ќе го надминат јагленот како актуелен водечки извор на производство на електрична енергија на глобално ниво во следните две години, со 38,1% од производството на електрична енергија до 2027 година.
Покрај подобрувањето на карактеристиките на соларните панели, компаниите тестираат и различни видови панели за обновлива енергија, како што се панелите од алги.
Истражувачите забележаа дека транзицијата е дополнително забрзана од глобалната енергетска криза, која создаде „невиден моментум“ во насока на преминување од фосилни на обновливи извори на енергија.