Првиот историски трансатлантски лет на комерцијален патнички авион напојуван исклучиво со одржливо воздухопловно гориво ќе биде извршен на релација Лондон-Њујорк следната година
Британскиот конзорциум, кој го сочинуваат Rolls-Royce, Boeing, Imperial College London, Универзитетот во Шефилд, Институтот Rocky Mountain, Одржливо воздухполовство, властите на Обединетото Кралство и Virgin Atlantic ќе биде првиот во светот кој ќе организира комерцијален лет од Лондон до Њујорк кој ќе биде целосно нето-јаглеродно неутрален. Властите на Обединетото Кралство ќе го финансираат историскиот лет, кој ќе го изврши авионот Boeing 787 на Virgin Atlantic, со мотори од типот Rolls-Royce Trent 1000, придвижувани од 100 отсто одржливо воздухопловно гориво (SAF- Sustaniable aviation fuel).
Еколошки трансатлантски лет
Планот е авионот да полета од лондонскиот аеродром „Хитроу“ и да слета на њујоршкиот „Џон Ф. Кенеди“, кој е еден од најфреквентните аеродроми во светот. Со користење 100 отсто SAF гориво наместо керозин, емисиите на јаглерод ќе се намалат за 70 отсто. Остатокот од емисиите ќе се укине со купување биочар-кредити, т.е. со инвестирање во проект кој трајно складира јаглерод на еколошки прифатлив начин.
Одржливото млазно гориво што ќе се користи на овој лет првенствено ќе биде направено од искористено масло за јадење и маснотии, а со тоа и отпаден материјал со мало влијание врз животната средина.
Целта на проектот е да ја демонстрира одржливоста и економичноста на авијацијата со нето-нула емисии, а властите во Обединетото Кралство се надеваат дека декарбонизираната воздухопловна индустрија би можела да генерира обрт од 2,4 милијарди фунти до 2040 година, создавајќи 5.200 работни места до 2035 година. Ова е целта на нивната стратегија, преку која целиот воздушен сообраќај до 2050 година треба да се оствари со нето-нула емисии.
Од Virgin Atlantic забележуваат дека се пионери на ова поле, со оглед на тоа што во 2018 година го направија првиот лет на комерцијален авион делумно напојуван од одржливо авионско гориво. Станува збор за Boeing 747 кој летал од Орландо до Лондон, а горивото го произведувала американската компанија LanzaTech.