Преку оптички кабел долг 120 километри е остварена рекордна брзина на пренос од 157 терабити во секунда
Постигнат е нов светски рекорд за брзина на пренос на податоци од 157 терабити во секунда. Рекордот со здружени сили го срушија компаниите Huawei и Orange, а подвигот е постигнат при тестирање на прототип на пренос преку оптички кабел долг 120 километри.
Во средината на минатата година, Huawei го објави првото индустриско широкопојасно решение кое обезбедува спектар од 12 терахерци преку оптички влакна, додека најновото тестирање го зголеми тој број на 18, користејќи технологија со кратки бранови должини и потпирајќи се на експертизата за пренос на податоци на кинеската компанија.
Според Ричард Џин, претседател на оптички производи за деловни корисници во Huawei, оваа технологија ќе обезбеди решение за користење на веќе инсталираните системи со оптички влакна и надградба на нивниот капацитет без да се инвестира во инсталирање на нови.
„Борејќи се со непрекинат раст на барања за сообраќај, проширувањето на спектарот и на тој начин извлекување на поголема вредност од нашата постоечка инфраструктура е од клучно значење. Ова е уште поважно кога ефикасноста на спектарот на таквите оптички системи ќе ја достигне теоретската граница. Тестовите ја докажуваат способноста на нашата инфраструктура на оптички кабли да понуди 50% повеќе спектар и на овој начин ефикасно решаваме една од нашите клучни теми – искуството и поврзувањето на нашите клиенти“, изјави Жил Бурдон од компанијата Orange.
„Нашата компанија долго време е посветена на стратешки иновации, истражувања и технолошки откритија во областа на оптичките комуникации. Задоволни сме што соработуваме со иновативен оператор како што е Orange од Франција, бидејќи имаме заедничка цел – да ја создадеме мрежата на иднината“, рече Џин.