Астрономите открија уште 12 месечини околу Јупитер, со што нивната вкупна бројка порасна на 92. Јупитер со тоа стана планета со најмногу природни сателити во нашиот Сончев систем, а на второто место падна Сатурн со досега потврдени 83 месечини.
Новите месечини на Јупитер се откриени со помош на телескопите во Хаваи и Чиле во 2021 и 2022, а нивните орбити беа потврдени со дополнителни набљудувања. Нивната големина се движи од еден до три километри.
Во април, Европската вселенска агенција ќе испрати летало чија цел ќе биде да ги истражи Јупитер и некои од неговите најголеми, ледени месечини. Следната година, НАСА ќе ја лансира мисијата „Јуропа Клипер“ за да ја истражи истоимената месечина на Јупитер, која под својата замрзната кора би можела да содржи цел океан.
Се верува дека бројните мали месечини на Јупитер и Сатурн се делови од некогашни поголеми месечини кои се судриле меѓусебно или со комети или астероиди. Истото важи и за Уран и Нептун, но тие се многу далеку, па нивните месечини уште потешко се забележуваат.