Мета продолжува да ја копира функционалноста од своите конкуренти. Последниот таков случај е додавањето на Broadcast Channels на Instagram, а оваа опција ни е веќе позната од Telegram.
Компанијата е во процес на тестирање на новата опција, која ќе овозможи еднонасочно испраќање пораки. Засега, се тестира од одредени креатори на содржина, со планови да се прошири и на Facebook и на Messenger.
Новиот тип на канали ќе им овозможи на креаторите да споделуваат ажурирања со своите следбеници. Корисниците ќе можат да реагираат на пораките и да одговараат на анкети, но не директно преку разговор.
На пример, Марк Цукерберг сподели дека ќе го користи просторот за споделување вести за производите на компанијата. Освен текст, креаторите ќе можат да споделуваат аудио, фотографии и други содржини.
Дополнителната функционалност ќе вклучува можност за додавање други креатори во разговорот за да се спроведат кратки интервјуа.