Веб-порталот Конект.мк беше единствениот медиум од Македонија кој присуствуваше на глобалната премиера на новата Samsung Galaxy S23 серија во Сан Франциско
Текст и фото: Никола Бурагев
По ковид-пандемијата и двегодишната глобална депресија и локдаун, конечно се вратија настаните во живо и презентациите на флегшип паметните телефони пред новинарите, инфлуенсерите и технолошките блогери. Да не се лажеме, чувството е одлично! Тоа претпоставувам е и знак дека инфлацијата и ужасната економија нема целосно да не потопат. Така Samsung се врати на традицијата, па сите од ИТ светот се упатија кон Сан Франциско, каде на првиот ден од февруари беше претставена долгоочекуваната нова Galaxy S серија. Ако воопшто е потребен некој изговор да се посети овој уникатен град! Меѓу присутните на еден од најбитните настани годинава во светот на технологијата беше и Конект.мк, кој ексклузивно известуваше од Сан Франциско од глобалната премиера на Samsung Galaxy S23 уредите.
Откако поради пандемијата со Ковид-19 во изминатите години немаше претставување на новите уреди во живо, Samsung сепак одлучи новата серија паметни телефони да им ја претстави на медиумите од целиот свет. Galaxy S23 серијата на Samsung во секој поглед е продолжение на добро изгазениот пат за Samsung. Имаме три нови телефони, стандардниот, Plus и Ultra модел, баш како и минатата година. Дизајнот не е драстично променет и со најмоќниот модел навистина ќе ви треба око соколово за да видите што е различно, но затоа се друго е унапредено и пред се новитет се новиот сензор, кој Qualcomm специјално го направи за Galaxy S23 уредите, како и новиот главен објектив од 200 MP на камерата.
Премиерата во Сан Франциско беше двојно интересна. Пред сè, затоа што добивме шанса еден ден претходно да ги погледнеме уредите одблиску и да ги добиеме првите впечатоци за телефоните, а потоа и затоа што ги испробавме на уникатно крстарење низ заливот во Тихиот Океан, каде на дело се покажа зошто Samsung со гордост зборува за можностите на камерите.
Уште едно уникатно искуство беше и заедничкото интервју на новинарите од регионот со претседателот на MX (Mobile eXperience) Business дивизијата на Samsung, ТМ Rox. „Вредноста на технологијата се мери, не само по тоа што им го пружа на луѓето денес, туку и за тоа како придонесува за иднината. Целата Galaxy S23 серија паметни телефони ги поставува трендовите, а тоа значи беспрекорно искуство во користењето на еден смартфон. Нашата мисијат е да ја редефинираме олдичната изведба, донесувајќи силни и долготрајни иновации и одржливост“, истакна ТМ Rox.
Новата Galaxy S23 серија на прв поглед е речиси идентична на S22 серијата. Иако од минатогодишните уреди, најмногу се разликува според боите, вистинската разлика може да се почувствува во перформансите, кои не се веднаш видливи. Баш како и кај претходната серија, S23 се состои од три уреди – Samsung Galaxy S23, Galaxy S23+ i Galaxy S23 Ultra.
Големо, поголемо… Ultra
Ако можам да избирам, тогаш секако тоа е најсветлата ѕвезда во галаксијата на Samsung – Galaxy S23 Ultra. Иако на прв поглед не се забележува дека е многу променет во однос на минатата година, се работи за побрз и поиздржлив телефон со камери кои се подобри во однос на одличните сезнори кај S22 Ultra. Дизајнот останува ист, вклучувајќи го и S Pen пенкалцето. Смартфонот е сепак малку полесен, но при секојдневна употреба тоа многу не се забележува.
Екранот e стандардно одличен и можеби најдобар во моментов во целокупната мобилна индустрија. Со дијагонала од 6,8-инчи и QHD+Edge Dynamic AMOLED технологија со стапка на освежување од 120 Hz, дисплејот се одликува и со намалено закривување, со што се добива поголема и порамна површина. Samsung е посебно горд на функцијата Enhanced Comfort, која им овозможува на корисниците да ги приспособат тоновите на боите и контрастот за да го намалат напрегањето на очите, а Vision Booster треба да помогне да се намали отсјајот на екранот на дневна светлина.
Следната ставка е камерата. Имав прилика да ја испробам уште во Сан Франциско, веднаш по премиерата, на совршено крстарење низ заливот околу овој прекрасен град. Целата тура се нарекува „Golden Hour“ бидејќи оди до една од најпознатите знаменитости на Сан Франциско, мостото Golden Gate, и тоа во време на заоѓањето на сонцето. Камерата е четирикратна со нова главна леќа, која со 108MP сега е подобрена со повисока резолуција од 200MP. Станува збор за нов објектив чија предност е тоа што може да ја комбинира високата резолуција од 200 MP со поврзување на пиксели од 16-во-1 за да создаде фотографии од 12,5 MP кои имаат максимален динамички опсег со минимален шум. Ова значи повеќе детали кои се совршено јасни. Дополнително, овој сензор може да комбинира 4-во-1 бинирање на пиксели, што резултира со фотографии од 50 MP за уште повеќе детали. Целата поента на ваквата „компресија“ на пиксели е да се намали шумот, да се истакнат боите, и да се прикаже сè во кадарот што е можно попрецизно и остро.
Samsung направи и други подобрувања. Тука е Super Quad Pixel автофокусот, кој работи на изострување на сликата во најкраток можен рок, односно да ја забележи разликата во левиот и десниот агол, горе-долу во кадарот, за фокусот да биде максимален. Благодарение на поголемата резолуција, ноќниот режим за фотографии и видеа е подобар. Малите промени во обработката на повеќе кадри, заедно со вештачката интелигенција, донесоа намалување на шумот и постабилни фотографии. Интересно е што има и нов Astro Hyperlapse мод кој може да снима сите ноќни детали без дополнителна опрема, а воедно да напоменам дека камерата снима 8K до 30fps во однос на ланските 24fps.
Помали браќа со речиси исти карактеристики – Galaxy S23 и Galaxy S23+
Galaxy S23 и Galaxy S23 Plus во однос на минатата година, покрај четирите нови бои во кои се достапни, добија само мали промени во поглед на дизајнот. Тие се видливи пред се кај камерите бидејќи веќе нема испакнатини, или „острови“ каде беа сместени. Ова е подобро решение бидејќи на овој начин телефонот стои исправено кога ќе го поставите на некоја површина, но од друга страна се губи нивната препознатливост.
Кога станува збор за спецификациите, промената е позначајна. Пред сè, тука е новиот чип Snapdragon 8 Gen 2, кој ќе донесе вкупно подобри перформанси на телефонот и значително траење на батеријата. И двата модели добија 200 mAh поголема батерија, така што оној на Galaxy S23 сега има капацитет од 3.900 mAh и 4.700 mAh на S23+. Камерата е тројна – главниот објектив има 50 MP, телефото 10 MP со 3x оптички зум и широкоаголен 12 MP. Однапред е сместена селфи камера од 12 MP, која е идентична кај сите три телефони од S23 серијата. И додека S23 е најмалиот уред во серијата со екран од „само“ 6,1-инчен FHD+ Dynamic AMOLED 2X екран , S23+ го има истиот екран, но со големина од 6,6 инчи. Двата уреди имаат стапка на освежување од 120 Hz и она што ќе биде од особен интерес за љубителите на мобилните игри, 240 Hz Touch Sampling Rate.
TM Roh: Samsung очекува двоцифрен раст на продажбата на своите премиум уреди
Samsung постави амбициозни цени за своите премиум уреди оваа година. За време на заедничкото интервју во Сан Франциско со новинарите од регионот, шефот на мобилниот оддел на компанијата TM Roh рече дека оваа година очекува двоцифрен раст на продажбата, не само на Galaxy S моделите, туку и на иновативните уреди на преклопување – Galaxy Z Flip4 и Galaxy Z Fold4
Во последните месеци, пазарот на паметни телефони доживеа огромен пад поради инфлацијата и тешките економски услови. Samsung сè уште не прави исклучок и неодамна објави дека во последниот квартал од 2022 година оперативната добивка е намалена за 16% на годишна основа.
Сепак, компанијата се надева дека Galaxy S23 серијата ќе го промени трендот и ќе ги подобри финансиските перформанси. Една од целите за оваа година е најмалку 10 проценти зголемување на продажбата на новите флегшип модели, што според Рох, се заснова на позитивната реакција на глобалните клиенти на компанијата.
Според него, доколку Galaxy S22 моделот биде продаден во околу 24 милиони примероци, новата серија би требало да реализира најмалку 26 милиони продадени уреди. Амбициозна цел во ек на тешката економската состојба и зголемената цена на уредите на пазарот, иако компанијата ќе направи напори зголемувањето да го компензира преку разни бонуси.