Еден од раководителите на MediaTek откри дека Oppo веќе го дизајнирал својот чипсет и се подготвува да го претстави следната година. Со овој потег компанијата сака да остане конкурентна на пазарот на паметни телефони
Уште во февруари 2020 година имаше „гласини“ дека Oppo ќе претстави сопствен чипсет, но дури сега се откри нешто конкретно за тоа. Судејќи според еден од директорите на MediaTek, кинескиот производител на мобилни телефони веќе го дизајнирал својот SoC и ќе го претстави во 2024 година.
Извршниот директор на MediaTek ги откри овие информации на форумот за странски инвестиции во Хсинчу, град во северозападниот дел на Тајван каде што е седиштето на TSMC (Taiwan Semiconductor Manufacturing Company). Како што пренесува GSM Arena, токму TSMC би можел да има „свои прсти“ во производството на чипсет на Oppo.
Имено, се наведува дека Oppo сака да остане конкурентен на пазарот на паметни телефони со производство на сопствен чипсет. Дополнително, компанијата инвестираше повеќе од 1,4 милијарди долари за да се формираат центри за дизајн на ИЦ низ Кина, вклучувајќи ги и големите градови како Пекинг, Шенжен и Шангај. Компанијата веќе има свој чип за поврзување MariSilicon X NPU и MariSilicon Y.
За потсетување, Oppo е четвртиот најголем производител на паметни телефони во светот, кој неодамна на светскиот пазар го донесе Find N2 Flip, преклопен смартфон кој претставува конкуренцијат на Galaxy Z Flip 4 на Samsung.