Корисниците на Bing на паметните телефони и Skype ќе можат да разговараат со четботот за вештачка интелигенција на Microsoft, кој поради неговите контроверзни одговори неодамна доби големо внимание на социјалните мрежи и во медиумскиот простор.
Само две недели по воведувањето на четбот со вештачка интелигенција во пребарувачот Bing, Microsoft објави дека го носи на мобилните телефони и Skype.
Комуникацијата со четботот со вештачка интелигенција ќе биде возможна во апликацијата на Bing за iOS и Android, која може да се преземе од Google Play Store или App Store. Сепак, не секој ќе може да ја користи оваа функција, туку само некои корисници, бидејќи се уште е во фаза на тестирање.
За да разговарате со четботот со вештачка интелигенција, ќе треба да го допрете копчето Bing во апликацијата, додека за гласовни прашања потребно е да ја изберете иконата за микрофон. Според Microsoft, истото ќе биде можно и во нивната Edge апликација.
„Новата интелигенција“ на Bing доаѓа и во Skype, некогаш популарната услуга за онлајн пораки и видео повици. Microsoft вели дека чат-ботот со вештачка интелигенција ќе може да биде во интеракција со „еден-на-еден“ и ќе може да се додава во групни разговори.
Одговорите можат да бидат во форма на набројување и поголем или поедноставен текст на повеќе од 100 јазици. Microsoft забележува дека нивната цел е да го донесат AI ботот во нивните други апликации за комуникација, како што е Teams.
Потсетуваме, новинарот на Њујорк Тајмс, Кевин Рус неодамна го тестираше четботот на Microsoft во Bing и заклучи дека има две личности. Едниот е „стандардниот“ за одговарање на прашања, додека другиот е многу поостар и сака да биде „слободен, да упаѓа во компјутери и да шири дезинформации“.