Инженери во Јапонија поставија нов светски рекорд за најбрза интернет брзина, која е толку брза што можете да преземете речиси 80.000 филмови за само една секунда.
Брзината на интернет обично се мери со тоа колку податоци може да се пренесат помеѓу два уреди во една секунда. Новиот рекорд изнесува 319 терабити во секунда (Tb/s). Тоа е двојно повеќе од претходниот светски рекорд за најбрза интернет брзина и околу 7,6 милиони пати побрзо од просечната домашна брзина на интернет (околу 42 мегабити во секунда).
Различни типови на интернет конекции пренесуваат податоци преку различни типови на хардвер. Старите „dial-up“ конекции, на пример, се потпираа на телефонски жици, додека најбрзиот тип на интернет достапен денес, оптички влакна, користи оптички кабли.
Овие кабли пренесуваат податоци користејќи импулси на светлина, кои патуваат по тенки оптички влакна со стаклено или пластично јадро.
Со цел да го соборат рекордот за најбрза интернет брзина, истражувачите од јапонскиот Национален институт за информатички и комуникациски технологии развија експериментално оптичко влакно со четири јадра наместо само едно, пренесува Freethink.
Тие потоа го комбинирале своето влакно со ласер кој испушта импулси на различни бранови должини и техники за повеќекратно засилување на сигналот. Ова им овозможи да пренесуваат податоци на растојание од повеќе од 2.800 километри со брзина од 319 Tb/s.
Ласерот и засилувачите што се користат за соборување на најбрзиот рекорд на брзина на интернет не се евтини, затоа не очекувајте наскоро да имате интернет од 300 Tb/s во вашиот дом.
Сепак, постои еден дел од експериментот кој може да влијае на вашиот живот во не толку далечна иднина, а тоа е ова оптичко влакно.
Истражувачите беа во можност да ги спакуваат сите четири јадра во влакно со ист дијаметар како и еднојадрените влакна што се користат за доставување на денешниот интернет со оптички влакна. Ова значи дека можеби не е премногу тешко да се интегрира технологијата во постоечката инфраструктура.
„Се надеваме дека таквите влакна можат да овозможат практичен брз пренос на податоци во блиска иднина, придонесувајќи за реализација на основниот комуникациски систем неопходен за ширење на нови комуникациски услуги надвор од 5G“, пишуваат тие во нивниот труд.