Иако веќе можете да купите Realme мобилни телефони со брзо полнење од 240 вати, Redmi сериозно работи на својата технологија од 300 вати која ќе ги полни смартфоните за нешто помалку од пет минути.
На почетокот на годината Realme ги објави деталите за брзо полнење од 240 вати, кое го полни телефонот за нешто помалку од 10 минути, со што ја презема круната за најбрзо полнење во светот. Но, се чини дека нема да биде долго на врвот, бидејќи сега Redmi ја претстави технологијата за брзо полнење од 300 вати, која го полни телефонот од 0 до 100 за нешто помалку од пет минути.
Redmi објави видео на својот Weibo профил во кое прикажува како функционира во пракса брзото полнење од 300 W. За ова, користен е модифициран Redmi Note 12 Discovery со батерија од 4.100 mAh под контролирани услови.
На видеото јасно се гледа дека смартфонот достигнува 50 проценти полнење за 2 минути и 11 секунди, додека за да достигне 100 проценти се потребни точно 4 минути и 54 секунди. Сепак, интересно е што полнењето на мобилниот телефон никогаш не достигнува 300 W, туку главно остана на малку пониски, но сепак импресивни нивоа.
Затоа може да се каже дека 300 W е максимумот што може да го достигне полначот и батеријата, но целосната брзина на полнење сè уште е ограничена од безбедносни причини. Од Redmi истакнуваат дека адаптерот за напојување доаѓа со Double GaN технологија и има повеќе од 50 безбедносни заштити, додека одржува мала големина.
Засега не е познато кога на пазарот ќе се појават првите мобилни телефони со оваа технологија.