Истражувачите за безбедност предупредија на бран од сомнителни апликации за автентикација кои ги преплавија Apple App Store и Google Play Store.
Ова доаѓа по неодамнешната објава на Twitter дека автентикацијата со два фактори базирана на СМС ќе биде достапна само за претплатниците на Twitter Blue, принудувајќи ги другите корисници на Twitter да најдат друго решение до 17 март.
Тоа значи дека за да го докажат својот идентитет, ќе мора да користат апликација за автентикација која генерира еднократни кодови или хардверски безбедносни клучеви.
Некои од апликациите што ги пријавија програмерите на iOS апликации, Томи Миск и Талал Хаџ Бакри, кои за себе велат дека се „повремени истражувачи за безбедност“ оттогаш се отстранети, но многу од нив сè уште се во продавниците.
Развивачот на една апликација дури и успеал да купи рекламен простор за апликацијата да добие максимална видливост, појавувајќи се на самиот врв кога корисниците бараат „authenticator“, „authenticator app“ или „2FA“. Оваа апликација сè уште е достапна во продавниците за апликации на Apple и Google. Апликацијата наплаќа 40 евра за функции кои обично се бесплатни со легитимните апликации и услугите за автентикација.
Освен ова, забележани се и други апликации кои изгледаат речиси исто и сите се обидуваат да ги измамат корисниците и да им наплатат годишна претплата од 20 до 40 евра. Толку би чинело купување на реномирани хардверски токени 2FA кои би траеле со години и секако би биле побезбедни.
Ако апликацијата ви изгледа сомнителна, не ѝ давајте никакви дозволи на вашиот уред и одинсталирајте ја. Користете само доверливи апликации од реномирани производители, особено ако причината што ви треба апликацијата е вашата безбедност и приватност.