Како што беше најавено, Apple официјално претстави нова боја за своите стандардни iPhone 14 модели.
Годинава станува збор за нова боја – жолта, откако минатата година беше претставена зелената, а претходната година виолетовата.
Се работи за светложолта нијанса на задниот стаклен панел, што е нешто помеѓу жолтиот iPhone 11 и темножолтиот iPhone XR. Алуминиумската рамка е во златна боја, како во случајот со iPhone 11.
Сепак, за разлика од минатата година, новата боја нема да биде достапна за Pro модели, и ќе им се придружи на петте постоечки бои за стандардните iPhone 14 и iPhone 14 Plus. Палетата моментално вклучува midnight црна, starlight бела, (PRODUCT) RED црвена, сина и виолетова.
Бојата е единственото нешто што ја разликува новата верзија од постојните бидејќи нема никакви други разлики.
Apple претстави и четири нови бои за својата палета на силиконски маски за сите четири модели на iPhone 14, имено Canary Yellow, Olive Green, Sky Blue и Iris Purple.
Преднарачките за жолтите iPhone 14 и iPhone 14 Plus ќе се примаат од 10 март, додека маските веќе се достапни.