Со намера да му конкурира на Starlink на SpaceX, Кина годинава ќе почне со реализација на својот проект за широкопојасна мегаконстелација и ќе лансира илјадници сателити во ниската орбита на Земјата.
Извештаите навестуваат дека Кина за прв пат ќе користи технологија за втората фаза на Yuanzheng-2 за својата Long March 5B ракета кога ќе биде лансирана од Венгчанг во втората половина од оваа година. Кинеската компанија CASC овој месец потврди дека новата ракета Long March 5B и конфигурацијата на горната фаза ќе се користи за лансирање на сателитите за сателитска мрежа во ниската орбита на Земјата.
Space News пишува дека Кина планира да развие и да лансира 13.000 сателити во наредните неколку години. Кинескиот сателитски оператор China Satcom досега можеби имаше помало влијание на глобалната сцена и примарно се фокусираше на оплсужување на интерни барања со помош на сателити позиционирани во геостационарни орбити, меѓутоа работите ќе се променат во наредните 5-10 години затоа што Кина сега се фокусира на воспоставување глобална мрежа од сателити во ниската орбита. Проектот, кој има поддршка од владата, може да ја смени играта и да му конкурира на западниот свет, посебно во деловите од светот каде што е силно кинеското влијание. Амбициозниот план може да ги спречи другите меѓународни оператори со констелации да ги прошират своите меѓународни претплатници.
Податоците покажуваат дека кинеските вселенски мисии се зголемиле четирикратно во изминатата деценија и дека само минатата година биле објавени над 60 лансирања. Задачата за формирање на мегаконстелацијата и е доделена главно на Кинеската академија за вселенска технологија, која е главна филијала на CASC, како и на Иновациската академија за микросателити (IAMCAS) во рамките на Кинеската академија на науки.