Google објави бета верзија на апликацијата за користење на функцијата Nearby Share на Windows, која овозможува лесно да се разменуваат фајлови помеѓу компјутери и уреди со Android. Апликацијата беше најавена на почетокот на годината како дел од напорите на Google да ја подобри интеграцијата на Android со Windows, а сега е веќе реалност.
Софтверот е компатибилен со Windows 10 (64-битен) или понова верзија, но уредите со ARM процесори не се поддржани. Компјутерот мора да има вклучено Bluetooth и Wi-Fi, а според Google, Nearby Share најдобро функционира кога уредите се на растојание од пет метри еден од друг и се поврзани на иста мрежа.
Апликацијата е достапна за преземање во САД и многу други земји, но не и во земјите на Европската унија. Ова веројатно ќе се промени до моментот кога ќе биде објавена конечната верзија и може да биде поврзано со барањата за приватност, но апликацијата и сепак може да се користи во Македонија. Само инсталирајте ја од овој линк, а потоа пријавете се со својата Google сметка.
Компанијата наведува дека Nearby Share Beta за Windows работи без разлика дали апликацијата е отворена или во позадина. Испраќањето фајл на уред со Android во близина е едноставно како да го повлечете во прозорецот на апликацијата или да изберете Send with Nearby Share од менито со десен клик. Потоа од листата треба да изберете на кој уред да го испратите.
Испраќањето фајлови на вашите сопствени уреди е уште побрзо – само треба да се најавите на вашата Google сметка на двата уреда, а потоа трансферите се прифаќаат автоматски, дури и кога екранот е заклучен. Кога испраќате фајл од Android на Windows, апликацијата на компјутерот мора да работи и само треба да го изберете уредот од листата на достапни уреди.