Со околу 5 проценти од луѓето кои консумираат цигари секој ден, Шведска е на пат да стане првата непушачка земја во Европа. Ова е причината зошто оваа земја има најниска стапка на болести поврзани со пушењето и 41 процент помала стапка на смртност од тумори предизвикани како последица на ова, во споредба со земјите од ЕУ.
Стратегијата на Шведска за намалување на штетните ефекти од пушењето и спасување животи се базира на две основи – забрана за пушење во одредени делови и прифаќање на безчадни никотински и тутунски производи како помалку штетни замени за цигарите.
Ова беше објавено во извештајот „Шведското искуство: патот кон општество без чад“, а еден од авторите, д-р Андерс Милтон, тврди дека „ако другите членки на ЕУ го применуваат истиот принцип како Шведска, бројот на пушачи во ЕУ само во оваа деценија би се намалил за 3,5 милиони“.
Карл Фагерстром, клинички психолог и борец против пушењето, на конференцијата „Пристапот на шведските потрошувачи кон контролата на тутунот“ одржана во Стокхолм рече дека во земјите каде што прифаќањето на алтернативите е поголемо, бројот на пушачи е помал. „Сепак, милијарди се трошат на кампањи против пушењето кои немаат ефект, а ниту денар за промоција на заменски производи“, вели д-р Фагерсторм. Според него, за тоа е виновна Светската здравствена организација која сака да ги изедначи сите алтернативни тутунски и никотински производи, иако е докажано дека се неспоредливо помалку штетни, со цигарите.
„Изненаден сум од односот на Светската здравствена организација. Разбирам дека тие мислат дека е можно да се ослободат од стимуланси како никотин, кофеин, алкохол. И јас го мислев истото пред 50 години. Но, погледнете што се случува во САД во моментов – како што стапката на пушење се намалува, употребата на канабис се зголемува. Значи, можеби не е невозможно да се ослободиме од никотинот, но само ако сме подготвени да ја отвориме вратата за нови стимуланси“, вели професорот Фагерстром. Во исто време, тој уште еднаш истакна дека кога ќе се стави на скалата на штети, никотинот се наоѓа далеку понико од цигарите и согорувањето со кое се создаваат илјадници штетни материи.
Д-р Милтон, кој беше на чело на шведската, а подоцна и на светската медицинска асоцијација, истакнува уште една земја како позитивен пример за примена на концептот за намалување на штети. Британскиот институт за јавно здравје издаде директива до лекарите – „ако некој пуши и не може да престане, без разлика на помошта од здравствениот сектор, информирајте го за електронските цигари. Затоа што тоа е многу подобра опција од пушењето“, рече д-р Милтон и заклучи – Велика Британија одлучи да го минимизира проблемот, кога веќе не може да го реши и мислам дека тоа е добар пристап.