Samsung во 2022 година го претстави M12 материјалот за OLED екраните во Galaxy Fold4 и Flip4, а сега се подготвуваат верзиите M13 и M14, што ќе можеме да ги видиме кај преклопниот Pixel Fold на Google
Минатогодишниот M12 материјал што Samsung Display го претстави за OLED екраните е искористен во Galaxy Z Flip4 и Z Fold4 телефоните, а подоцна беше претставен и на LTPO верзиите на iPhone 14 Pro и 14 Pro Max. Корејскиот портал The Elec објави дека Samsung сега ги подготвува материјалите M13 и M14, кои најпрво би можеле да ги видиме на новиот преклопен телефон Google Pixel Fold.
Многу веб-портали зборуваат за Google Pixel Fold уредот како за митско суштество, затоа што овој смартфон толку многу пати е одложуван, што никој не верува дека некогаш бил планиран. Во неколку наврати споменавме дека може да се појави оваа година, а големи надежи има и за претставување на конференцијата Google I/O во мај.
Интересно е што Google Pixel Fold веројатно ќе биде првиот телефон со нов OLED панел, додека Samsung Galaxy Z Flip5 и Z Fold5 моделите се очекува да се држат до истиот материјал M12, како и нивните претходници (комплетот материјали се однесува на составот на OLED панелот). Потегот да му се даде на Google Pixel Fold, моделот на преклоп, најдобриот достапен екран е невообичаен бидејќи компанијата ретко се одлучува за најновата технологија. Исто така, пред неколку месеци се зборуваше за избор на послаб екран од првичниот план.
Според информациите до кои дојде The Elec, Apple ќе користи M12 екрани за сите четири модели на iPhone 15, што е промена во однос на минатата година кога само Pro моделите користеа M12 дисплеи, а основни верзии имаа M11 панели. Од друга страна, тоа не мора да значи дека основните верзии на iPhone уредите ќе добијат ProMotion, односно освежување побрзо од 60 Hz, додека аналитичарите сметаат дека тоа нема да се случи до 2025 година.
Samsung Display наводно развива специјална формулација наречена M14, која Apple ќе ја користи исклучиво за iPhone 16 генерацијата следната година. Што се однесува до оваа година, Samsung Display ќе ги произведува панелите за сите четири iPhone 15 модели, LG Display ќе помогне со панелите за двата Pro модели, а BOE беше исклучен од првичната нарачка поради проблеми со квалитетот.