Како што можевме да очекуваме, Google е на чело на листата на Европската унија со дури пет платформи, а тука се и Meta, Amazon, Microsoft и другите гиганти.
Европската комисија вчера идентификуваше 19 онлајн платформи и пребарувачи кои во иднина ќе мора да ги почитуваат нејзините досега најригорозни правила за дигитални услуги. Тие ќе мора да ги почитуваат новите правила за модерирање на содржината во однос на т.н. говор на омраза и ширење дезинформации.
Според неодамна усвоениот Закон за дигиталните услуги (DSA) на Европската Унија – што блокот го опиша како обезбедување „досега невидено ниво на јавен надзор“ на интернет – ЕК по 25 август ќе стави платформите и пребарувачите, кои имаат повеќе од 45 милиони корисници во ЕУ, под најстрого ниво на цензура.
Се смета дека овие дигитални платформи се системски релевантни и имаат особена одговорност општеството да го направи интернетот безбеден. Затоа ЕУ воведува посилни заштитни мерки за овие онлајн-играчи во однос на управувањето со ризикот, транспарентноста, модерирање на содржината и заштитата на децата.
Најавувајќи ја мерката, европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, кој е движечката сила зад овој закон, рече:
„Со големата присутност доаѓа и голема одговорност. Тие нема да може да се однесуваат како да се премногу големи за да се грижат“.
ЕК досега ги идентификуваше Alibaba AliExpress, Amazon Store, Apple AppStore, Bing, Booking.com, Facebook, Google Play, Google Maps, Google Search, Google Shopping, Instagram, LinkedIn, Pinterest, Snapchat, TikTok, Twitter, Wikipedia, YouTube, и Zalando, како платформи на кои им треба построго „модерирање на содржината“.
Оние што нема да се усогласат со Законот за дигиталните услуги до февруари 2024 година ќе се соочат со казни од ЕУ до шест отсто од нивниот глобален приход, како и со потенцијална забрана целосна забрана во Европа.
Бретон претходно го предупреди новиот сопственик на Twitter, Eлон Маск, дека платформата ризикува забрана во ЕУ ако не ја врати компанијата на принципите на слобода на говорот.