Најавата за Samsung Galaxy Z Fold 5 е далеку уште неколку месеци, но сите се желни да ги откријат сите детали за него пред Samsung да го претстави на Unpacked настанот. Еден од најактивните во процесот на откривање е корисникот на Твитер, OnLeaks, кој овој пат излезе со рендери кои изгледаат како да можат да бидат официјални.
На нив уредот може да се види практично од сите агли, а може да се види и новиот дизајн на шарката на екранот за кој претходно се шпекулираше и кој би требало значително да ја намали нерамномерноста на средината во делот каде дисплејот се превиткува.
OnLeaks наведува дека вкупната дебелина на уредот е намалена на 13,4 мм, што е значително подобрување во однос на она што го видовме на Galaxy Z Fold 4, кој варираше помеѓу 14,2 мм и 15,8 мм поради несовршениот дизајн на шарката и просторот помеѓу двата дела на уредот. Samsung наводно ќе користи механизам за шарки сличен на втората генерација на шарката Flexion што ја користи OPPO кај својот модел Find N2.
Galaxy Z Fold 5 веројатно ќе ја задржи истата големина на екранот – 6,2 инчи за надворешниот и 7,6 инчи за внатрешниот. Сепак, рамките на екранот најверојатно ќе бидат намалени од сите страни. Очекуваните димензии на телефонот се 154,9×129,9×6,3 мм кога е отворен и 154,9×67,1×13,5 мм кога е преклопен.
OnLeaks исто така наведува дека системот на камерата ќе биде малку испакнат во споредба со задниот дел на Galaxy Z Fold 5. Положбата на LED блицот е малку променета и поместена од дното на системот на камерата на страна.