Huawei претстави нов флексибилен паметен телефон, а според компанијата се работи за најтенкиот и најлесен смартфон на преклопување со голем екран во индустријата
Заедно со Huawei P60 Pro, кинеската компанија вчера во Минхен претстави уште еден интересен смартфон на европскиот пазар. Станува збор за преклопниот Mate X3, кој пристигнува со подобрен механизам на шарка, потенко куќиште, сертификат за водоотпорност и голем број други иновации.
Уредот тежи 239 грама и е со дебелина 11,08 мм кога е преклопен и 5,3 мм кога е расклопен, поради што Huawei го нарече најтенок и најлесен смартфон на преклоп со голем екран досега. Компанијата се потпре на механизам во облик на капка при преклопување на главниот екран, кој исто така овозможува максимално ограничување на видливото превиткување на панелот.
Конструкцијата користи ултралесен и силен алуминиум и јаглеродни влакна, како и најтенка Type-C компонента во индустријата. Mate X3 има шарка од новата генерација која е лесна и издржлива и обезбедува механизам за лесно расклопување и преклопување. Уредот нуди и рејтинг IPX8 за водоотпорност.
Главниот дисплеј е OLED со дијагонала од 7,85 инчи и резолуција од 2496 x 2224 пиксели, брзина на освежување до 120 херци и читање на допир од 240 херци. Меѓу неговите параметри се PWM затемнување со 1440 Hz, како и ултра тенко стакло (UTG).
Што се однесува до надворешниот дисплеј, се работи за 6,4 инчен LTPO панел кој поддржува стапка на освежување од 1 до 120 херци. Неговата резолуција е Full HD+ и има заштитен слој Kunlun Glass. Двата екрани го покриваат P3 опсегот на бои и можат да репродуцираат 1,07 милијарди бои. Компанијата обезбеди и опција за користење на главниот екран во полупреклопена состојба со дополнителна функционалност за камерата итн.
Што се однесува до камерата, главниот сензор вклучува XMAGE систем со главен RYYB сензор од 50 MP со отвор на бленад f/1,8, 13 MP со објектив со ултраширок агол и автофокус и 12 MP RYYB со перископ оптика за 5x зум и оптичка стабилизација. На двата екрани се присутни и две селфи камери од 8 MP.
Уредот користи Snapdragon 8+ Gen 1 4G чипсет, што значи дека нема 5G конекција, а батеријата има капацитет од 4.800 mAh со поддршка за брзо жично полнење до 66 вати и безжично до 50 вати. Достапни се Dual-band Wi-Fi со двоен опсег, Bluetooth 5.2, NFC и USB Type-C (3.1 Gen 1).