Светската метеоролошка организација најавува дека периодот од 2023 до 2027 година ќе биде најтоплиот досега забележан.
Периодот од 2023 до 2027 година речиси сигурно ќе биде најтоплиот досега забележан во светот поради комбинираното влијание на загадувачките гасови со ефект на стаклена градина и метеоролошкиот феномен Ел Нињо што ги зголемува температурите, предупреди Светската метеоролошка организација (СМО), дел од системот на ОН.
Температурата наскоро ќе ја надмине најамбициозната цел од Парискиот климатски договор, предупреди Светската метеоролошка организација.
Во Парискиот климатски договор од 2015 година е наведена целта да се ограничи зголемувањето на просечната температура на планетата под 2 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година и ако е можно на 1,5 степени Целзиусови во споредба со тие нивоа.
„Постои 98% веројатност дека барем една од следните пет години, како и тој вкупен петгодишен период, ќе биде најтоплиот досега забележан“, соопшти СМО.
Организацијата проценува дека има 66% шанси просечната годишна температура на копно да ги надмине прединдустриските нивоа за 1,5 степени Целзиусови барем во една од следните пет години.
Податоците објавени денеска не значат дека преминувањето на границата од 1,5 степени Целзиусови од Парискиот договор – што се однесува на долгорочно затоплување во текот на неколку години – ќе остане трајно, се вели во соопштението на генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Талас.
„Сепак, СМО алармира, најавувајќи дека границата од 1,5 степени Целзиусови ќе биде привремено надмината и дека ќе зачести“, рече тој.
Додаде дека во наредните месеци се очекува епизода од метеоролошкиот феномен ЕЛ Нињо и дека заедно со климатските промени предизвикани од луѓето ќе предизвикаат температурата во светот да се искачи на невидени нивоа.
Не оставајќи илузија за сериозноста на ситуацијата, финскиот експерт инсистираше на тоа дека треба да се подготвиме бидејќи последиците ќе бидат значајни за здравјето, безбедноста на храната, управувањето на водите и животната средина.
Ел Нињо е природен климатски феномен кој обично се поврзува со пораст на температурите, зголемена суша во некои делови од светот и обилни дождови во други. Последен пат со него се соочивме во 2018-2019 година, а потоа имаше особено долг период на Ла Ниња од речиси три години, уште еден феномен што предизвикува спротивни ефекти и пад на температурата.
На почетокот на мај, Светската метеоролошка организација процени дека има 60% шанси Ел Нињо да се развие до крајот на јули и 80% шанси тоа да се случи на крајот на септември.
Како по правило, Ел Нињо ги зголемува светските температури во годината по неговото појавување, во овој циклус тоа би била 2024 година.
Гасовите со ефект на стаклена градина, кои се на рекордно ниво, собираат топлина во атмосферата и ја зголемуваат температурата.
„Просечните температури во светот ќе продолжат да растат и ќе нѐ оддалечуваат од климата на која сме навикнати“, вели Леон Хермасон, експерт во Британската метеоролошка служба.
Просечните глобални температури на површината на копното и морето се зголемуваат од 60-тите години на минатиот век.
Во 2023 година се очекува просечните температури да бидат повисоки од оние во периодот 1991-2020 година во речиси сите региони освен Алјаска, Јужна Африка, Јужна Азија и некои делови на Австралија, според СМО. Некои делови од Тихиот Океан веројатно ќе бидат посвежи од просекот.